Во обид да се срочи она „љубовта боли” во еден наједноставен можен концепт - сега има пирсинг на прст, наместо веренички прстен. Ова ви е луѓе нов тренд, веројатно за оној дел од популацијата што одбива да се потчини на општествените норми, па иако делумно се потчинува со тоа што се официјализира пред државата, се бунтува со тоа што си отвара рана на едно доста неповолно место, различно од јазик, различно од веѓа и уво.
Се става на принцип на нешто што би можело да се преведе како дермално сидро.
Процесот е болен и вклучува отстранување на мало кругче месо од прстот. После се вметнува мало сидро во дупката, па се става украсот.
Признаваме, дијамант само така, божем ништо не го држи, изгледа многу интересно и симпатично, ама сепак со себе носи ризици по здравје.
На пример, може да се откачи и да си патува понатаму низ кожата, колку и тоа да звучи без врска, а има шанси и телото едноставно да го одбие и да го исфрли со тек на време. Најчестите проблеми, како и кај другите локации за пирсинг се инфекции, по кои следува обавезно вадење од страна на професионалец.

„Тоа е работа што едвај чека да тргне наопаку,” вели Кеси Лопез, која работи како пирсинг-мајстор во Њујорк. „Размислете што се правите со рацете - ги ставате во џебови, ставате ракавици, ги бришете после тоалет. Огромни се шансите не само телото да сака да го исфрли или да се скине, туку и за сериозна инфекција.”
Главната препорака? Пред да се одлучите на овој љубовен чекор, убаво истражете каков тип на накит смее да се носи и како треба да се грижите за местото. И се разбира, студиото и човекот што ќе „ве венча”.