Има уште неколку месеци до новите Оскари и многу филмови и изведби за бирање, но сите прогнози водат кон Гага за House of Gucci и до Стјуарт за Spencer.
За првата се знаеше уште пред да излезе трејлерот - дека убиствената Патриција Реџани ќе собира награди цела сезона. Веќе масовно се употребува „Во името на Отецот, Синот и куќата на Гучи“, како епска реплика и без да го имаме гледано филмот, знаеме дека долго ќе се памти. А ѝ должат и за A Star Is Born.
Освен, ако не ја претекне Кристен Стјуарт со улогата на принцезата Дајана која според критичарите, „ја игра најтеатрално“, во споредба со нежната Дајана на Ема Корин во „Круна“.
Ќе видиме, затоа што не се само тие две. Во игра влегува Џесика Честејн како телевангелистката Теми Феј и Пенелопе Круз со најновата играчка што ја има со Педро Алмодовар со наслов Parallel Mothers. Никогаш не била за потценување како конкуренција и Оливија Колман, па така и тука може да ја надмаши Гага и да земе Оскар за улогата во The Lost Daughter. Се размислува и за Џенифер Хадсон во Respect, природната сила Френсис Мекдорманд за The Tragedy of Macbeth, а се зборува и за Алана Хајм и Licorice Pizza.
Ова се сѐ уште шпекулации, бидејќи гласањето ќе почне на 27 јануари, а номинациите ќе ги објават на 8 февруари. Церемонијата е на 27 март, да се надеваме дека ќе биде посреќна од ланската во пандемија со пола народ дома.