Комичарот ја отвори најновата епизода на Сатурдеј Најт Лајв со проширен монолог кој личеше на продолжение на неговите стендапи на Нетфликс (за кои толку многу луѓе корнеа коси) и понуди типично нефилтриран и бескомпромисен коментар на жешки теми како изборите, војната во Украина и Доналд Трамп.
Сепак, материјалот што го имаше спремено на тема антисемитизам привлече најмногу внимание.
„Пред да почнам вечерва, би сакал да прочитам кратка изјава што ја спремив. Го отфрлам антисемитизмот во секоја негова форма и стојам до моите пријатели во еврејската заедница.“
После овој дисклејмер, си влезе со:
„Е така, Канје, се купува време.“
Па продолжи:
„На почетокот на мојата кариера, научив дека постојат два збора во англискиот јазик што не смееш да ги кажеш еден по друг. Тоа се The и Jews. Не сум чул некој да тера на арно откако ќе го каже тоа.“
Ова е непреведливо затоа што на македонски „Евреите“ е сосема прифатлив термин - членувана именката „Евреи“. На англиски, the Jews звучи (а и се употребува) дерогативно, и користат термини како „еврејскиот народ“ и слично. Шапел потсетува на моментот кога Канје се закани со нешто од типот „сега ќе видат Евреите!“, па изгуби соработки со големи компании како Адидас.
„Иронијата е во тоа што Адидас го основале нацисти и сега се навредени! Изгледа ученикот го надмина учителот.“
Публиката се радуваше на коментарите, додека Шапел не премина на скроз Шапел-територија: „Сите шоу-бизнис правила ги прекрши,“ рече за Канје. „Знаете, правилата на перцепција. Ако се Италијани, тогаш е мафија. Ако се Евреи значи е коинциденција и не смееш да зборуваш на таа тема.“
Ова „коинциденција“ е всушност коментарот на Шапел за идејата дека Евреите го контролираат холивудскиот медиумски екосистем.
На Твитер нормално, ништо ново - обвиненија за расизам, бескрупулозност и антисемитизам. Но, за волја на вистината, и самиот Шапел си влезе свесен дека пак ќе биде мета на напади, а луѓето никако да научат дека нешто не му е многу гајле.
На крај:
„Не треба да е толку страшно да се зборува на било која тема. Тоа неверојатно ми ја отежнува работата. И да бидам искрен, ми се смачи на овој начин да зборувам со публика. Ве сакам бескрајно и благодарен сум ви за поддршката. И се надевам дека нема ништо да ми одземат - кои да се тие.“