Ни влијателните не влијаат како порано

Влијателните онлајн ликови, или нели, инфлуенсери, цело време јадат критики, што од што не ги бива, што од љубомора за лесниот и фин стил на живот.

Водат измамнички семинари, крадат пари од деца, продаваат вода од када (во која претходно се бањале), па може и затоа ги нејќат. Сега излегува дека нивното царство може да е пред распад, како што покажува една нова студија - реакциите и engagement-от околу нивните постови се на најниско ниво откако постојат инфлуенсери.

Според аналитичката компанија InfluencerDB, Инстаграм е преплавен со спонзорирани постови, а инфлуенсерите од сите индустрии веќе ги чувствуваат ефектите од презгужваните фидови на обичните корисници. Се мереле реакциите, лајковите и коментарите со односот лајк-следач, или со просечен број на лајкови на секој пост, во споредба со број на следачи.

Навидум изморени од тоа да им се влијае, или да им продаваат шампони, кога само им се гледаат мемиња, корисниците „лајкуваат” помалку од кога и да е. Истовремено, излегува дека колку помалку следачи имаш, толку повеќе реакции добиваш - тие со најмалку 10.000 следачи имаат 3.6 проценти стапка на реакција, додека инфлуенсери со 5000-10.000 имаат 6.3, за на крај да бидат сите овие надминати од страна на корисници со 1000-5000 следачи и нивната стапка од 8.8 проценти.

Ова укажува дека инфлуенсерите со помалку следачи имаат полојални фанови, а брендовите веќе го имаат тој факт уловено, и веќе контактираат микро-инфлуенсери.

Сепак, ова не значи дека ерата на инфлуенсерите е завршена, туку напротив, може да еволуира. „Мислам дека инфлуенсерската индустрија предизвикува огромен стрес и нереални очекувања кај децата и тинејџерите ширум светот,” вели Тора Нортман за Дејзд, инаку инфлуенсерка, „и би сакала да исчезне, или да премине во нешто многу помоќно.”

Бројките се доста збунувачки, но главниот заклучок е дека корисниците на социјалните мрежи стануваат сè помудри околу рекламите што ги преплавуваат од секаде и објавуваат војна на капитализмот со тоа што го задржуваат за себе она што им е најбитно на овие брендови - лајкови, односно пари. Или тоа, или веќе ги заболе за чај за детоксикација.

22 јули 2019 - 18:52