Ни се ближи ли Ерата на големиот развод?

Постои ТикТок пророштво (какви времиња, такви пророштва) дека современите бракови ги чека мрачна судбина.

Ако ја впишете фразата Great Divorce на Гугл, добивате резултати за теолошки роман на К.С. Луис. Но, ако ја впишете на ТикТок, имате комплетно поинаква приказна - стотици видеа каде што луѓе предвидуваат дека се ближи Големиот развод - теорија дека наскоро ќе гледаме не само рекорден број на разводи туку и рекорден број на луѓе што одбиваат да влезат во брак.

А сепак, стапката на разводи е во постојан пад, па се поставува прашањето - од каде теорииве?

Ајде попрецизно: Општиот број на разводи се намалува, ама затоа цветаат разводи кај постари од 50 години. Се намалува и стапката на премажување/преженување, па ова води до заклучокот (како што велат и на ТикТок) дека „на жените им е ДОСТА.“

Културниот наратив функционира вака: Жените сакаат да се мажат. Мажите уживаат во ергенството и треба да ги влечеш со сила до матичар, по што цел живот се жалат дека се „во затвор“, додека жените уживаат во успехот да натераат маж да направи компромис во однос на брачниот живот. Бракот има многу бенефити, но статистички, главно се за мажите - женетите живеат подолго, заработуваат повеќе, имаат подобар секс и пријавуваат општо посреќно секојдневие. Од друга страна, за жените работат и заработуваат слично, но им останува „втората смена“, односно грижата за домот.

И за крај, нели лошите статистики - излегува дека на жените им е ризично да се мажат затоа што бројките кажуваат дека најмногу страдаат од своите сопрузи. Затоа и кога ќе споредиме за кого е поарно - заклучокот е очигледен. Историски и статистички гледано и како заклучок на фактот што 70% од разводите ги иницираат жени, излегува дека жените се многу понесвесни од недостатоците на бракот.

Значи, ако мажите кои божем ги гледаме како главните противници на бракот, всушност ентузијастично учествуваат во него, тогаш може ТикТок да е во право - жените ја носат Ерата на големиот развод. Од сè што важи погоре, јасно е зошто на жените им се распаѓа илузијата за бракот, прашањето што се поставува е зошто токму сега?

Очигледните објаснувања лежат во образованието, моќта, примањата, правата, и така натаму. Сепак, има нешто подлабоко во трендот: Можно е да влијае и фактот што жените сега можат да ги споделуваат своите искуства преку социјалните мрежи. Нивното место во општеството е сменето, но бракот и мажите изгледа не се, па со богатството на туѓите искуства, стигмата и изолацијата што доаѓаа со разводите порано, веќе немаат место. Во превод, ако пред 30 години ги имаш мајка ти и тетка ти што ти викаат „да си седиш заради децата“, денес може пак ги имаш, ама имаш и стотици жени на интернет што споделуваат дека го напуштиле бракот и преживеале.

Кога опциите на жените им се сега да уживаат во сопствени пари, мир, време и пријателства, или да трошат време, пари и ментална енергија грижејќи се за возрасен маж што не знае тањир да измие, одбива да научи и има глупи очекувања околу емотивен и физички влог, толку ли е изненадување што ја бираат првата опција?

Така што, некому може ќе му се чини страшна и самата помисла на Големиот развод, но ако сме искрени, тешко е да се најдат негативните страни. Има два правци во кои може да се развие - или жените конечно ќе уживаат во плодовите на сопствениот труд, или мажите конечно ќе научат да се потрудат и да станат типови со кои вреди да делиш живот. Во секој случај, жените ќе можат да отфрлат еден товар што го влечкаат со години, а тоа сигурно не е лошо.

11 декември 2023 - 00:00