Не ти е криво што немаш деца?

Може се уште не сте ја начекале Трејси Елис Рос по интернет или серии, ама има жената многу да каже. Глумица, комичарка, водителка, ќерка на Дајана Рос. И најстрашното: 45-годишна, немажена, без деца.

Трејси Елис Рос е остварена жена. Зад себе има серии, филмови, емисии, номинации и награди. Па сепак, на еден самит на Гламур, признава дека нејзиниот личен успех е доведен до прашање.

„Навистина е интересно да бидеш 45-годишна жена и да не си мажена и да немаш деца,” вели таа во своето обраќање на настанот. Почнуваш да слушаш лудории од типот, ‘Ех, само треба да го најдеш вистинскиот,’ или ‘ШТО ќе правиш?’ или ‘Сирота,’ или ‘Зошто човек како тебе е сингл,’ или ‘Што не си родиш едно сама.’ Нема крај и воопшто не помага.”

И покрај многуте нејзини лични победи, Рос кажува дека нејзиниот очигледен успех, сè уште не ги замолчува оние што имаат потреба да ѝ ја проектираат нивната идеја за среќа.

„Па некој ќе ми каже за некоја другарка што посвоила дете на 52 и како ‘никогаш не е доцна да му дадеш значење на животот,’ па мојата вредност се намалува затоа што ме потсетуваат дека не сум успеала со брак и дете. Јас! Како храбра, слободна и независна жена.”

„И еве ме, разгледувам како изгледа МОЈОТ ЖИВОТ кога е сосема мој,” продолжува. „Потребна е одредена храброст за да се направи тоа. Значи да ризикуваш да бидеш неразбрана, да те гледаат како осамена и скршена, без никој за да ти биде центар на внимание, без човек на кој ќе се потпреш или зад кој ќе се скриеш, ризикуваш да мораш сама на себе да си бидеш поддршка и да треба да најдеш љубов и семејство надвор од традиционалните места. Но јас сакам така. Сакам да бидам храбра и вистинска, со живот што е мој.”

Очигледно не треба да ја мислиме Трејси Елис Рос. Него со тие, насекираните што правиме?

16 март 2018 - 13:11