Не мора да бидеш Бијонсе за да го изнајмиш Лувр

Бијонсе и Џеј Зи го изнајмија Лувр за спот, ама имаме и една симпатична вест за сите вие што имавте тргнато пари на страна за рентање на Лувр - си има цена и теоретски - можете.

Според Њујорк Тајмс, во Лувр се снима околу 500 пати годишно (меѓу снимањата се и за Wonder Woman и за Штрумфови). Иако музејот дозволува да се снима и слика во просториите само за приватна употреба, прави исклучоци за професионалци преку писмени овластувања.

Од 2015-та наваму, политиката на Лувр е: ако сакаш да снимаш краток филм или музички спот, цената и за ентериер и за екстериер би била 4500 евра. А во случајот на Бијонсе и Џеј Зи со нивниот спот - веројатно имале екипа од 50 луѓе, па нив можеби ги чинело и до 18.000 евра, со тоа што, како што ќе забележи Тајмс, „има хотели што чинат повеќе од тоа.”

Од друга страна, да организирате приватен настан ќе ве чини малку повеќе. Тура за околу 50 луѓе чини 10.000 евра, а да ја изнајмите халата за прием под пирамидата ќе биде најмалку 28.000. И пак, кога ќе размисли човек, како за Лувр, тоа и не се некои суми што не сме ги виделе.

Една македонска свадба знае да чини повеќе.

20 јуни 2018 - 12:28