Настапот на две од најуспешните жени на светот да ти бил антифеминистички

Во неделата, Шакира и Џенифер Лопез направија неверојатно јако (и женско!) шоу на полувреме од Суперболот. Секоја испеа микс од најголемите хитови, танцуваа, и тоа опасно, изгледаа фантастично и публиката полуде од среќа. Што има тука да не ти се допадне? Е, имало.

Прашањето што излегло од оние најглупите делови на интернетот било, дали ни требало сега, после #MeToo, вакво разголување и објективизирање?

Значи, вака беше.

Прво излезе Шакира, прозборе шпански и почна да ги крши тоа куковите на начин со кој ние најверојатно би искршиле кичма. Имаше гостин, некој рапер, маж, што никој не го забележа посебно, од што беше Шакира јака. Едно седум минути, одново и одново ни докажуваше зошто е толку успешна, зошто има толку фанови и продадени плочи и зошто е викната баш на ова полувреме да настапи.

После нејзе дојде Џеј Ло, на шипка. Истите работи ни ги покажа: зошто е успешна, зошто има толку многу фанови и продадени плочи и зошто е баш таа платена да настапни на полувреме. И двете покажаа колку се згодни, ама не беа нешто избезумени од разголеност. Онака, како за настап.

Уште поважно: На настапот на Џеј Ло имаше дечиња што пееја од под некои осветлени сводови, ама некако, многу на кафези личеа. Ќерка ѝ на Џеј Ло се уфрлаше со „Born in the USA“, додека оваа пееше „Let’s Get Loud“. Па, излегоа и двете (и Шакира и Џеј Ло) и со танчери - Афроамериканци и ја изведоа на кратко „Waka Waka“. За на крај, додека светот ги обожаваше, да се заблагодарат на шпански и англиски.

На кратко, и двете за Американците и нивниот дух направија повеќе, и ги испочитуваа повеќе и од владата и од претседателот и од големите борци за социјална правда заедно.

А за жените СИГУРНО направија многу повеќе од неколкуте твитерџии што „се срамеле да го гледаат настапот со нивните деца“.

Кој паметен реши да го стави на маса прашањето дали им било паметно ова „објективизирање на жените“?

Имаш две успешни жени што имаат империи зад себе, затоа што се талентирани и далеку од оној прототип на слаба девојка што владееше кога се појавија. На настап во кој издејствувале да доминираат жени буквално ги прославија своите тела, успеси и наследство, без тоа да биде ин јор фејс-патетично.

И сега, имаш твит како,

„Се срамам во име на моите деца да го гледам ова шоу… кој ѓавол е ова. Шипки за стриптиз, крупни кадри од карлица… Никакво достоинство. Срам да ви е Џенифер Лопез и Шакира.“

Срам да им било. Треба некои ваквите инквизитори во кожа на праведници (океј, значи само инквизитори) да ги праша, ама гласно да одговорат - што е алтернативата? Закопчани до грло? Мирни? Атмосфера „More than words“?

…Или машки? Патем, Адам Левин исто се разголи лани на настапот на Maroon 5, ама кој да памти.

Главно, тие неколку разочарани, се разочарани затоа што сме имале ете, толку долго време позитивна дискусија за жените да не бидат објективизирани, а ете овие две така безобразно се помочале на тоа.

Најнепријатната (стара) вест, ако воопшто ја има после тој настап, е дека луѓето се најбезобразно дволични до степен на плукање по нешто за кое што тврдат дека „позитивно дискутираат“.

Излегува дека да, се боревме за права, се боревме жените да можат да прават што сакаат, ама - не претерувајте толку со правата, незгодно ми е.

Сето ова додека на некој друг крај на светот прогласуваат жени за вештерки.

Шоуто на Шакира и Џеј Ло беше женско, моќно, демонстрација на слобода и носеше политичка порака што ниеден маркетинг тим на ниедна политичка групација не може за ниедни пари да го смисли.

Навредените можат само да си се тапшаат и да си дремат таму каде што си имаат наместено совршено легло - во најглупите делови на интернетот.

А сега, 14 минути јако:

4 февруари 2020 - 12:06