Можеби е време за спиечки развод?

Тоа е кога решаваш дека бракот ќе ти се одвива многу пофино ако со партнерот спиете во различни кревети, па и во различни соби.

Имаш ‘рчење, ладно/топло, лакт во фаца и други слични убавини на заедничкото спиење. И како решение ти се нуди: различни кревети. До толку е просто.

Повеќето парови сметаат дека делење кревет е израз на интимност и заедништво, но истражувањата покажуваат дека тоа и не е така паметно. Поточно, паровите што спијат во иста соба многу почесто страдаат од вознемирувања во текот на ноќта - лоша хигиена, немирно спиење и различен распоред, на пример. Сето ова води до здравствени проблеми, сексуална дисфункција, па дури и брачни расправии.

Мери Џо Рапини, психотерапевт за врски и интима од Хјустон вели:

„Постојат придобивки од спиењето заедно, но сепак, проблематичното спиење на еден од партнерите и непријатните навики во кревет можат да го зголемат нивото на хормонот на стрес кортизол и со тоа да предизвикаат проблеми на самиот пар.”

Ова доаѓа од фактот што, според експертите, кога си одморен, животот го менаџираш со поголем фокус и контрола, што води и до поголемо задоволство и среќа во врската. „Кога и двајцата партнери спијат добро навечер, можат да се чувствуваат емотивно, ментално и физички поздрави, без да ги нервира другиот што ги држел будни, а не мора ни да се чувствуваат виновни што се вознемируваат меѓу себе,” вели Џенифер Адамс, автор на Sleeping Apart Not Falling Apart.

Паровите што не се спремни за одвоено спиење е фино да најдат заеднички јазик за вистинското решение. Може да се инвестира во прилагодлив душек што ќе им биде удобен и на двајцата партнери, или пак, фина средина може да биде доближување на два душеци, што би ги одвоило до некаде, но сепак би ги држело блиску.

Од најголема важност е сепак разговарање за тие некомпатибилности во спиењето, и тоа кога и двајцата се одморени и им е удобно, наместо во сред ноќ додека тој до тебе мрда и те вади од кожа.

Ботом лајн: не сте црева, ќе се видите сабајле. Одвоено спиење е закон.

2 октомври 2019 - 00:00