Модна кариера без модни студии?

Дали диплома од модни студии вреди за парите на прагот на 2019-та? Што треба да се студира ако сакаш да работиш со мода? Прашањето често се поставува, а одговорот е различен во зависност од тоа кого прашуваш.

И онака е тешко да избереш што ќе студираш, со оглед на тоа колку многу избор има (добро де, тука не баш, збориме ако го прошириш видикот). Што да правиш ако уживаш во грчка митологија исто колку и во фотографија, готска фикција исто колку мода и теорија на феминизам исто колку и уметност? Како да избереш свет кој ќе ги вклучи сите интереси? И дали ти треба извикан универзитет, ако сакаш да завршиш во модната индустрија?

Вистината е дека веројатно нема лесен пат кој ќе ти помогне да почнеш таму, бидејќи искуството е често еднакво важно колку и стварите што ги учиш во школо, а успешните приказни често се фокусираат на патувањето, а не на курсот и дипломата. Како и да е, секогаш ќе ти биде малку страв да пробаш, без да поминеш малку време на некаква стручна подготовка.

Мала утеха е тоа што лидерите на индустријата доаѓаат со најразлични истории кои ги довеле до успех.

Генерално, ќе дознаеш дека тие што пишуваат за мода најверојатно академски се спремале и модата им била за пишување „онака” пред да се навлечат во индустријата. Има уредници како починатата уредничка на Вог Италија, Франка Созани, што читала литература и филозофија на факултет, а поранешната уредничка на британскиот Вог, Александра Шулман студирала социјална антропологија. Шулман поминала неколку години работејќи за независна продуцентска куќа пред да почне сериозно да се бави со новинарство.

Потоа, има уредници кои напуштиле школо на 16-годишна возраст и работат уште од тогаш. Лорејн Кенди од Сандеј Тајмс Стајл влегува во оваа категорија, со кариера почната уште од тинејџерските денови во Корниш Тајмс, како и Дејвид Џејмс, претходниот креативен директор на AnOther Magazine и основач на агенцијата ДЈА, кој работел во агенција за дизајн во Единбург пред да се фокусира на мода во ’90-ти.

А сепак, нема калап. Едвард Енинфул ја почнува кариерата како стилист, исто и Карин Ротфелд и Кејти Гранд.

Роноџој Дам, креативниот директор во Фарфеч и поранешен креативен директор на Дејзд Медија е еден од луѓето што почнале неочекувано: прво англиски на Кембриџ, па работа на комуникациски стратегии во Бартл Богл Хегарти, па Дејзд. „Мислам дека почесто застранував од патеката, отколку што ја изодев, да бидам искрен. Од факултет излегов без идеја што да правам и цела година поминав во центри за кариера, работејќи чудни работи, излегувајќи и бивајќи изгубен,” вели тој. Не посакал да му текнало на време да избере модни студии наместо тоа. „Но секогаш работев многу. Мислам дека има многу притисок врз младите сега и поголема конкуренција има, но тоа некогаш може да води до нереални очекувања, наместо работна етика.”

Рош Махтани, основач на брендот за накит Алигиери кој го има во листата на Форбс 30 под 30, ја кажува следната формула:

„Препорачувам да студирате што и да е што ве возбудува; дали е тоа астрологија или историја на уметност - ти дава возбуда и ќе ти биде уникатна банка на референци што никој друг не може да ја има.” Махтани го гради својот бренд околу „Божествената комедија” на Данте и секое парче одговара на една од 100-те поеми на авторот. „Немав поим што сакам да работам. Само знам дека сакав да раскажам приказна, преку пишување, фотографија и предмети; да креирам малку простор кој би се наоѓал на вкрстувањето меѓу литературата, патувањето и модата. Со сигурност можам да кажам дека сум избрана за ова затоа што ова е за мене: дипломец по историја, опседната со мода од 13-годишна возраст. Инфилтриран аутсајдер, на кој му е мило што има таква диплома.”

Крис Мортон, основач на Лист, е благодарен за неговиот бекграунд во природни науки. „Мојот недостаток од модно образование значеше дека ќе бидам многу наивен кога го почнав Лист. Сите можни грешки ги направив, вклучувајќи и такви што на крај нè донесоа до успех.”

Махтани се согласува. „Драго ми е што студирав француски и италијански јазик и литература, затоа што сите тие текстови и сето тоа време што го поминав низ Италија го инспирираа мојот Алигиери-универзум.

Иако има различни, сè уште е утеха да се прочитаат успешни приказни кои со кои некако можеш да се поистоветиш. Како и да е, дали студираш мода на универзитет или не, успехот во модната индустрија очигледно се темели на напорна работа, со редовна појава на искреност и страст: и само тоа се бара.

24 октомври 2018 - 21:49