Лажниот Дизниленд во Јапонија низ очите на еден фотограф

Што правиш кога ќе понудиш на Дизни да направи парк кај тебе и нема да се погодите со условите? Ќе си направиш твој, што божем не е Дизни, ама вожњите и замоците некако сепак ќе те издаваат. Паркот Дримленд, блиску до Нара, Јапонија работел одлично додека не дојде вистинскиот Дизниленд во Токио. Тоа што беше затворен од 2006-та, не го спречува Шејн Томас - австралиски фотограф со страст за распаднати и напуштени места за кои одамна поминал возот за поправање – да запне и да влезе внатре да слика.

Изграден во 1961-ва, некогаш популарниот парк привлекувал многу луѓе од цела Јапонија, но имало сè помалку посетители со текот на времето поради отварањето на Tokyo Disney Sea и Universal Studios во Осака. Од 2006-та е напуштен и заборавен, се распаѓа и скапува. Една прошетка околу него оддава лажен впечаток дека е лесно да се влезе, но не е баш така. Патролираат чувари и поминува полиција неколку пати на ден, па несреќните намерници знаат да добијат казна и до 10 милиони јени (околу 10.000 австралиски долари) па и да ги гонат, ако ги фатат.

Се обидов да влезам во Дримленд година претходно, рано наутро, но имав потешкотии откако видов двајца чувари на скутери како кружат околу паркот и ѕиркаат внатре со двогледи. Големиот знак со „ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ” напишано на него ме одврати и откако ме видоа дека се шуткам околу вратата, еден од чуварите застана да ме загледа поубаво. Морав да се вратам во Осака несреќен, но вториот пат кога отидов – ми успеа.

Се најдов со еден другар пред една продавница многу рано, во работен ден. Помали се шансите да те фатат ако идеш пред да се раздени и во сред недела. Се покривме со средство против комарци (комраците прават парче таму!) и околу 4 часот наутро, кога немаше жива душа, се прекачивме преку еден обраснат ѕид и кога влеговме – беше магично.

Првата глетка им била огромен ролеркостер осветлен од месечина, а во далечината – замок од бајките што е веројатно реплика на замокот на Заспаната убавица во вистинскиот Дизниленд.

Влеговме во некои од продавниците и рестораните со батериски ламби и уште имаше украси за продавање по полиците. Најдовме и лажна пожарникарска станица од 1950-ти со розев кадилак внатре во гаражата (каква штета, се надевам дека некој ќе ја спаси и ќе ја реставрира колава).

Сонцето изгреа околу 5:20 и почнавме да истражуваме. Имитации имаше од многу карактеристични ствари од Дизниленд: покрај замокот на Заспаната убавица, беше ископирана и главната улица (Main Street USA), Adventureland и Tomorrowland.

Според него, замокот бил доста слаба имитација, со розеви ѕидови испукани и избледени после години неодржување. Понатаму, пропаднати рингишпили, опседната куќа и – ролеркостери.

Се качивме на едниот ролеркостер и добивме неверојатна глетка од 360 степени на целиот парк, додека сонцето изгреваше на хоризонтот и го забележавме вториот ролеркостер – Аска. Ова е огромна, магична дрвена структура што изгледа спектакуларно во своето распаѓање и прекриена со растенија.

Се качиле и таму и се задржале малку, со оглед на тоа што, без разлика што погледот е волшебен, многу лесно може да те забележи случаен (или неслучаен) минувач како си седиш и чекаш да те казнат со десет милиони јени.

Се префрливме во Сафари-ленд и имаше распаднати бротчиња, сè уште на површина на матно, лигаво езерце полно со трски.

Пред да почне првата смена на чуварите, направивме уште неколку фотографии и си отидовме. Бевме прекриени со трева и зелени флеки и сигурен сум дека минувачите точно знаеја кај сме биле.

Од своето затварање, Нара Дримленд цело време чекаше да дојде на ред демолирање. Лани му пресудија – купувачот на просторот почна огромен процес на расклопување, бавно претворајќи го во едно разочарувачко купче од ѓубре и прав.

23 ноември 2017 - 16:09