Лажни онлајн продавници во борба против импулсивното купување

Колку пати имате нарачано нешто од интернет и возбудата ви траела сè додека не пристигне, па после - толку? И колку пати имате нарачано нешто бескорисно, што потоа не ни знаете кај ви е? Во Јужна Кореја смислиле лек за ова.

Спасот според некои е во лажни онлајн продавници во кои можеш да купуваш што сакаш, без да потрошиш ништо. Таканаречените допамински сајтови се дизајнирани да изгледаат како вистински платформи за е-трговија. Имаат производи, фотографии, рецензии, попусти, филтри за пребарување и кошничка. Корисникот може да разгледува, да додава производи, да внесе адреса за испорака, па дури и да го потврди нарачувањето.

Потоа следува уште еден интересен детал: на екранот се појавува симулација дека курир ја презел пратката, а на мапа може да се следи неговото „движење“ кон вашиот дом. Разликата е што пакет никогаш не пристигнува, а од банкарската сметка не се повлекуваат пари.

Идејата можеби звучи чудно, но се темели на добро познат психолошки механизам. Истражувањата покажуваат дека чувството на исчекување и самото разгледување производи може да го активира системот за награда во мозокот и да предизвика ослободување на допамин - невротрансмитер поврзан со мотивацијата и задоволството. Со други зборови, кај многу луѓе најголемата возбуда не доаѓа кога пакетот ќе пристигне, туку додека пребаруваат, споредуваат и ја полнат кошничката. Затоа овие платформи се обидуваат да го задоволат тој психолошки импулс, но без финансиските последици. Особено кај помладите генерации, кои се изложени на постојани реклами, инфлуенсери и алгоритми што непрекинато нудат нови производи, ваквите страници се доживуваат како начин да се намали импулсивното трошење.

Сепак, не се сите убедени дека ова е вистинското решение. Дел од психолозите предупредуваат дека ваквите платформи не ја менуваат навиката, туку само ја прават бесплатна. Ако некој секојдневно чувствува потреба да пребарува и „купува“, тогаш основниот модел на однесување останува ист, дури и ако паричникот остане недопрен.

Интересно е што идејата досега не наишла на ист ентузијазам надвор од Јужна Кореја. На социјални мрежи и форуми како Reddit, многумина ја опишуваат како бесмислена или губење време, ама има и такви што сметаат дека е подобро човек да помине десет минути со измислена кошничка отколку подоцна да се кае поради уште една непланирана нарачка.

Дали ваквите страници навистина ќе им помогнат на луѓето да ги контролираат своите трошоци или само ќе создадат нова форма на дигитална зависност, останува да покаже времето, ама па, ако има и малку шанса под а) да не потрошиш пари на глупост, и под б) да не си ја полниш куќата со ѓубре - добредојдено е.

29 јуни 2026 - 00:00