Среќен ден:

Кој сака да наздравиме со шпагети: Тестенините сепак не дебелеат

Ова се разбира доаѓа после години и години предомислување, де „смалете со јагленхидрати”, де „за вечера можете макарони без зачини”, додека ние читаме шмукајќи уште една шпагета затоа што „ќе почнеме од утре”.

Елиминацијата на леб, паста и друга безобразно вкусна храна стана широко прифатена како правило ако сакаш да изгубиш некое кило, благодарение на инсистирањето на сите фанатици за Палео, безглутенска исхрана, Аткинс и слични. Но има едно ново истражување, и тоа, за сите нас вљубени во на Софка таљателите е многу амејзинг: тестенините не се зло.

Анализирани се, замислете, 23.000 луѓе, врз основа на нивните навики за јадење. Кој го врши истражувањето? Италијани. Одделот за епидемиологија на Институтот за истражување, хоспитализација и здравствена нега Неуромед во Поцили открива дека внесувањето на тестенини е поврзано со намалени шанси за гојазност и снижување на индексот на телесна маса.

„Нашите податоци покажуваат дека уживањето во тестенини според индивидуалните потреби придонесува кон здрав индекс на телесна маса, помал обем на струк и подобар однос меѓу струк и колкови,” пишува Џорџ Пунис, првиот автор на истражувањето.

Во извештајот се тврди дека комплетно исфрлање на тестенините од диетата не е „правилен став”, особено кога ќе се земе во предвид колку се „фундаментални” во традиционалната медитеранска исхрана, која е докажано најздрава. Истражувачите сепак истакнуваат дека ова важи само ако тестенини јадете умерено. Како и секогаш.

Е па, кои сме ние да се расправаме со истражување од Институтот за таму нешто, не е битно, ставете вода за шпагети.

Еве уште некој гиф, за апетит:

И да јадеме раат.

5 септември 2017 - 09:50