
Драга ќерко,
Штотуку се врати од школо и од многуте активности што ги има еден шестоодделенец. Влета низ врата и објави дека ќе си облечеш пижами и ќе јадеш пица (истата возбудлива мисла што ја имам и јас во 3 попладне), па дека ќе си зборуваш на Скајп со другарките. Деновиве те гледам како си зафатена со твојата гунгула од најдобри другарки, како си поминуваш најубаво на свет со преспивања, спортски натпревари и разговори со часови и не можам а да не помислам колку сакам да уживаш во ова, што подолго можеш.
Во средно и на факултет, задржи си ги старите другарства и направи си место за нови. Оди на авантури, патувај, останувај до доцна зборувајќи за твоите надежи и соништа, гушкајте се кога тебе или на некој друг му е скршено срцето, и охрабрувајте се кога притисокот светот на возрасните, од работа и школо ќе стане преголем.
А најмногу од се, те молам да не брзаш да се „смириш”, да го наоѓаш вистинскиот, да се мажиш и да почнуваш семејство. Немој ни да мислиш дека има посебна возраст до која мораш да исполниш одредени критериуми или која луѓето сметаат дека е „поминат воз”. Немој да се втурнеш во овие работи пред да бидеш сосема спремна.
Сакам да направиш нешто пред да влезеш во тој живот: да живееш сама некое време. Сакам ова да си го подариш себеси, дури и ако лудо се вљубиш на мали години.

Знам дека секогаш го правиме она што е правилно за нас, колку што дозволуваат времето и средствата. Не ти кажувам да го направиш ова затоа што чувствувам дека јас сум избрзала со брак, хипотеки и семејство - напротив, затоа што успеав да поминам и време сама. Време кога единствената личност на која што требаше да се фокусирам бев јас и тоа ми го промени животот. Живеев сама над три години пред да се пресели татко ти кај мене (уште нешто што топло препорачувам, но за тоа друг пат) и беше една од најдобрите работи што сум ги направила за себе. Не жалам за ништо и на тоа се сеќавам со задоволство.
Успеав навистина да се запознаам себеси и работите што ми се добредојдени и не ми се добредојдени во животот. Кога живееш сама, животот може да изгледа неверојатно мирен и тешко е да вметнеш работи што не се вклопуваат во тоа чувство. Брзо учиш да разликуваш што е добредојдено околу тебе, а што би те уназадило и не се плашиш да зборуваш за себе, или да отфрлиш драма и токсични односи.

Научив како да се грижам за мојата кола за која плаќав рати секој месец. Интересно е како се грижиш за нешто што сам го плаќаш со тешко заработени пари. Си отворив сметка на мое име и поинакво беше чувството затоа што знаев дека сама ќе си уплаќам средства. Почнуваш да го сфаќаш тоа кога веќе можеш да си дозволиш интернет или нови кондури. Кога се грижиш само за себе и кога немаш цимер што ќе го молиш да даде за кирија или да плати сметки, не само што ќе бидеш благодарна што имаш работа, туку и ќе работиш како луда кога има нешто што го сакаш, а сè уште не можеш да си го дозволиш. Не можеш да се потпреш на никој друг освен на себе. И тоа те прави моќна.
Ќе зборуваш со себе и ќе ти стане удобно да бидеш сама, со своите мисли. И да, понекогаш ова е осамено, но помага да научиш како да бидеш среќна и да се чувствуваш комплетно кога си само ти. Учиш како да бидеш ти и тоа да го правиш многу добро (понекогаш тоа значи и да танцуваш по дома јадејќи чипс) и тоа исто така ти го посакувам.

Кога ќе преминеш од делење купатило со тројца браќа, па после со уште 40 души на колеџ, да имаш лично твое е фантастично. Никој не те брза, никој не ти краде тампони, никогаш не ти снемува топла вода. Го оставаш чисто или растурено како ќе ти текне.
Стануваш посилна верзија од себеси затоа што си принудена да преземеш контрола над секоја ситуација и да ги завршиш работите. Не велам дека не треба да побараш помош, господ знае дека јас барав, но тоа те учи да носиш корисни одлуки, да проценуваш ситуации, да си ги средиш потребите и желбите, а понекогаш значи и да се јавиш на телефон и да побараш помош. Никогаш не се воздржувај да се јавиш кај мене или кај татко ти.
Некогаш, ќе завршиш во прашалници во 2 по полноќ и ќе бидеш сигурна дека сите што би можеле да помогнат - спијат. И секогаш кога ќе завршиш нешто многу тешко сама, твојата сила, самодоверба и одлучност растат. Откриваш колку си способна и тоа засекогаш ќе те ослободи од прашањето: „Можам ли јас ова?” Ќе се сетиш дека имало ситуации кога навистина си правела тешки работи и си ги направила сама. И да, да, можеш. Можеш да направиш сè.
Иако нема да се обидувам да ти го одредувам патот, навистина се надевам дека ќе ме послушаш. Никогаш нема да зажалиш, во тоа сум сигурна. Исто, се надевам дека понекогаш ќе ме поканиш кај тебе (многу би сакала да потанцувам со чипс заедно со тебе, девојче) и повторно да живеам сама затоа што, ах, колку беше тоа забавно.