Драга шефице,
Почнав на нова работа оваа година. Работни места во моето поле тешко се наоѓаат и кога нема корона, но мислам дека згрешив кога се вработив тука заради две колешки. И едната и другата се трудни и постојано споделуваат повеќе отколку што треба: телесни функции, дигестивни проблеми, факти за бременост и поранешни решенија за контрацепција. И им се чини дека и јас би сакала да слушнам за тоа. Мене ми е во ред, но едната постојано ме испрашува за моите репродуктивни избори и тоа на многу непристоен начин. Како и тие, и јас сум во средина на триесеттите, но во моментов сум сингл и немам деца. Не планирав вака да биде, но тоа е тоа, и исполнет ми е животот (а во моментов и не сум се откажала од идејата за деца).
Едната колешка ме убедува дека морам да побрзам и да најдам партнер и да забременам затоа што сум „практично средовечна“ (една година сум постара од неа). Постојано ми навлегува во љубовниот живот и желбата за деца, дури и неколку пати има прашано дали сакам да знам како е да си трудна. На нерви ми оди.
Во еден момент ѝ реков „Не сакам да зборувам на оваа тема со тебе,“ и почнав да плачам (осетлива тема ми е од неколку причини). Само стоеше таму и ме зјапаше додека не ја замолив да си оди од моето биро. Тоа што се расплакав пред неа малку ја забави, но не престана да коментира и сѐ уште ги бомбардира сите со муабет за бебиња и за трудно тело.
Како да се справам со ова? Затоа што сум нова, а сме мал оддел, се воздржувам да бидам строга колку што би сакала, но претпоставките дека никогаш претходно не сум била бремена и дека пропуштам нешто ако сум без деца, или дека сум некаква осамена, мизерна стара мома почнуваат да ме погодуваат. Плус, постојано се зборува за телесни функции. Среќна сум што сум на работно место каде што се дискутираат ствари што не мора да се поврзани со работата, но ми се чини дека овие две цело време преминуваат граници.
Конечно ѝ спомнав на шефицата и таа ми кажа да ѝ се спротиставам на колешката ако ми е непријатно - но мене ми се чини дека е доцна за тоа и сега не ми се работи со неа.
Можеби ви се познати вакви ситуации, можеби не.
(Знаеме дека ви се познати.)
Шефицата одговара:
Ахххх. Зошто луѓето прават вака? Да се пикаш во нечии репродуктивни планови и да вршиш притисок некој да забремени е ужасно иритантно и сите граници ги преминува. Ваква инвазивност е ендемска во нашата култура, но особено станува лошо кога се случува на работа, и затоа што си заробен во таа просторија и затоа што знае да биде потешко да се прекине вакво однесување. Следниот пат кога ќе ти каже нешто на тема твојата возраст, плодност, планови за бебе, партнер - што и да е - вака ќе ѝ кажеш: „Требаше ова и претходно да ти го кажам, ама мораш да престанеш да зборуваш за моите репродуктивни планови - не е тоа тема што сакам да ја дискутирам на работа.“
Рече дека се плашиш да бидеш строга затоа што си нова. Точно е дека кога си нов на работа, немаш собрано многу политички или социјален капитал и може да треба да внимаваш околу луѓето што сѐ уште формираат впечатоци за тебе. Но ова не е во таа категорија. Разумна личност не би очекувала од тебе да го толерираш нејзиното наметнување; дозволено ти е да поставиш граници, без разлика дали си нова или не. И без разлика што си мислела дека помек пристап ти е во најдобар интерес, со тоа си се обидела и таа комплетно те изигнорирала. Кога некој упорно ти ги игнорира границите на овој начин, дозволено ти е да бидеш построга. Всушност, таа те влече за јазик: Толку далеку ја има преминато границата што немаш друг избор освен да бидеш екстремно директна.
Те молам и ова да го сфатиш, дека многу енергија и грижи вложуваш во оддржувањето на хармонија со колешката - колку енергија вложува таа да биде пристојна со тебе и да одржи добар однос? (Ич, изгледа.)
Дозволено ти е да си кажеш. И ако после биде непријатно, тоа е нејзина заслуга, не твоја. Всушност, во моментов си заглавена со товарот на непријатноста што таа ја создава. Врати го каде што припаѓа: врз неа.
Значи, од сега па натаму, рефренот ти е:
„Доста ме прашуваш за тоа. Не дискутирам такви ствари на работа.“
Ако го повториш ова два-три пати без да го ублажуваш, најверојатно ќе се повлече. Но, ако не се повлече, во било кој момент можеш да се вратиш кај менаџерката и да објасниш дека неколку пати си ѝ рекла да престане да те малтретира за бременост и дека продолжува. Во интерес на менаџерката е ова да не се случува кај нејзиниот тим и со тоа што ќе кажеш дека повеќе пати си ја замолила да престане, безуспешно, треба да ѝ стане јасно дека треба да преземе нешто. (Патем, не е грешка на менаџерката што побарала од тебе сама да го решиш тоа прво - тоа е разумен пристап со лични конфликти - но ако си ја послушала и проблемот сѐ уште постои, добар менаџер треба да се вмеша.)
А тоа што споделуваат и што треба и што не треба е потешко за справување. На некој начин, тој дел е како да имаш колега што нонстоп зборува за спорт, диети или нешто друго што му е досадно на друг што не ја дели истата опсесија. Кога темата е бременост, може да биде и емотивно тешко (особено ако некој во канцеларијата се бори со неплодност или прекината бременост), но тешко е да се затвори тема што другите ги интересира, само затоа што не ти се слуша. Јас би пробала да се исклучам од тоа. Имаш право да кажеш дека ти е тешка темата и да се воздржат во твое присуство ако не им е проблем, но главно треба да се фокусираш на отфрлање на тие неприкладни прашања упатени кон тебе. И кога тоа ќе ти стане удобно, нема ни останатото толку да ти значи.