На Сакс му штрчи прамен за време на снимањето и воопшто не му текнува да го реши. Седум минути се расправа така, несреден, без да се измазни, и тие седум минути на Олен ѝ се доволни да доживее откровение.
Затоа што, барем за момент, според неа, карантинот и седењето дома ставаат крај на исполираниот изглед на вестите - повеќето водители и гости се јавуваат од Скајп, а и тие што доаѓаат во студио не можат да ризикуваат премногу да се доближат до шминкер или стилист. Резултатот е претходно гламурозни коментатори и нивни гости, што одеднаш изгледаат како реални луѓе.
Од некоја причина, ова на луѓето им претставува огромно задоволство. Како да не можат сами да се чукнат и да си кажат, „телевизија е тоа“, туку мораат со свои очи да видат дека тоа таму пред камери не се андроиди, туку „луѓе како мене и тебе“.
Од друга страна, има една логика зад сето ова.
Ти си цел ден по дома, така несреден и упижамен, па со секое поминување покрај огледало си викаш „стварно ли изгледам вака?“ - па, добредојдено е да видиш дека и тие најсредените не се секогаш такви.
Иако кај нас „водителка“ и „презентерка на вести“ не се секогаш асоцијација за неприкосновено физичко совршенство, за Американците е, и кај нив особено се гледа отсуството на контурирање, тешки пудри и кармини - заменето е со постишени, направи-сам комбинации, а гостите (како што ќе воскликне Олен воодушевено) изгледаат „како тебе и мене по дома“.
Според одредени истражувања, откако веќе имаме Кардашијани и туторијали на Јутуб, жените поминуваат 30 проценти повеќе време од мажите во спремање наутро, а трошат и повеќе пари, од фризер до маникир. Комбинацијата придонесува за the grooming gap, или „разлика во средување“, заради која жените постојано заостануваат во продуктивност, приходи, сон и слободно време.
Сега откако имаме корона, продажбата на шминка опаѓа, а луѓето од телевизија повеќе заличуваат на оние од другата страна на екраните. Ал Томпкинс, поранешен презентер и член на Поинтер институтот вели, „Засега, кежуал изглед е поврзаноста меѓу новинарот и гледачот. Изјавате е, види, и јас сум како тебе, работам од дома.“
Реалноста е дека ништо посебно нема да се смени. Пак ќе се врати светот на општа осуда кон жените и нивните физички недостатоци - или нешто што воопшто не е недостаток, туку се коси со стандардите.
Ама тоа, Американците нека му ја мислат.
Ние сме малку понавикнати.