Каква врска имаат белците со црнечка коса?

Накратко - никаква. На долго, објаснува Џон Оливер.

Темава не е посебно релевантна кај нас затоа што ние конкретните проблеми што ги набројува Џон Оливер ги немаме. 

Ама треба само малку да се рашири кадарот, да видиме колку всушност сродни проблеми - имаме.

Црнците во Америка и после децении упорно се соочуваат со дискриминација за банални работи како фризура. Суканиците, плетенките, афрото и сѐ друго што црнците носат на глава, а белците го користат како мода и ништо повеќе е резултат на историска припадност и традиција, нешто што не треба да биде тема на дискусија како што пунџа или опашка не се тема на дискусија. Или очила, или ракавици, или накит, или...

Баналноста на проблемите заради кои црнците губат (или воопшто не добиваат) работа, ги гледаат попреку или ги пипаат и им упатуваат идиотски коментари, кај нас се преведува во едно исто такво мешање во животот без никаква провокација или позадина. Да не одиме до „ѓаволските“ работи како пирсови и тетоважи, да се задржиме на животните избори: семејство (или не), кариера, воспитување деца, ставови, сексуална определба... Сѐ се сведува на истиот заклучок. Ако тоа што го прави другиот не прави штета и нема апсолутно никаква, ама никаква врска со тебе, што има ти нешто да мислиш на таа тема, па уште и да регулираш?

11 мај 2021 - 12:21