Немам поим како ќе изгледа животот после пандемијата, но добивам и чувство дека не сум единствена што мисли на тоа. Мислам, баш длабоко размислување. Дали повторно ќе се ракуваме? Дали ќе влеземе во авион, без претходно да тумачиме дали е навистина потребно? Не знам ни дали толку често ќе јадам надвор, иако ми снемува зборови да опишам колку ми недостасува тоа. Секој дел од активноста ме радува: да изберам со кого ќе одам, да изберам ресторан, време и начин да се стигне до таму, бирање облека и на крај, најдобриот дел - тема за разговор во кој можеш да се изгубиш.
Во последно време се прашувам и дали изводам со маливе работи, затоа што големи нешта, како бизнисот! Работата! Здравјето. Државава - изгледаат преголеми. Не сум ги мислела последниве две толку многу, но сепак - присутни се. Во моментов, полесно ми е да мислам на пораките во инбокс. На списокот на желби. Се прашувам дали повторно ќе биде безбедно за да уживам во него. Мислам, знам дека ќе биде безбедно кога-тогаш, веројатно поточното прашање ми е - колку време ќе треба?! Ах, батали. Ништо не правиш ако пробаш да погодуваш.
Смешно е како излегувањето од еден мод - паника, решение, борба, што и да е - и влегувањето во друг - предавање, може да ти личи на пораз, кога всушност, мислам дека е почеток на поправањето. Се фаќам како одам до делови од умот каде што не сум можела да влезам во последниве шест недели и навистина е убаво. Сте се почувствувале ли така воопшто?
Сѐ уште мислам на по некое парче облека. Три недели, секој ден кликам еден саронг и размислувам каква боја ќе ми одговара со остатокот од плакарот, дали жолтиот, што ми е омилен е претерување и премногу потсетува на чадор за плажа?
И ви се купуваат ли бои повеќе од обично? На почетокот мислев дека пристапот ми станува максималистички, но сега само мислам дека ми се носат повеќе бои. Пред да почне сето ова, бев поддржувач на фармерки, сиво и мазно, па стоев поисправена и си личев на вистинска возрасна жена. Но, во карантин барам храбри бои, и вака седната на лаптоп, ми доаѓа да се запрашам како Кери Бредшо: Дали сум одново роден максималист, или светот ми е толку многу смален деноввие, што користам било каков начин за експресија во обид да го направам поширок?
Поголемиот дел од претходната ноќ го поминав во кревет, правејќи ментална листа на производи што се ближат до рок, за да знам прво нив да ги искористам. Почнав да размислувам за секој можен оброк - презреаните банани во кујна. Лебот без пченица што фаќа мувла. Ќе го намачкам лебот со бананите, ќе додадам путер од кикирки и ќе имаме појадок. И вие ли лежите будни, размислувајќи како најоптимално да ја искористите храната?
И размислувам и подалеку тоа, на пример, а зошто лежам будна мислејќи како да ја оптимизирам храната? Како може маж ми толку мирно и удобно да спие, додека времето поминува, а бананите се неискористени? Ако тоа ви звучи лудо, сфаќам и зошто. Маж ми расудува и ги одвојува работите во глава, додека јас правам ментални урагани, бутајќи сѐ што ќе ми падне на памет во окото на бурата, а секој предмет еднакво тежи. И после и мене ми тежи.
А тој е лесен како пердув.
На почетокот на карантинот, се грижев дека ќе станам намќор. Минатата недела почна и да се случува тоа и веројатно ова прерано го напишав, затоа што сфатив дека сум се лутела затоа што почнував да мислам дека ја носам тежината и за двајцата. А беше само моја. Знам дека е вака, затоа што во еден момент, во саботата наутро, по некакво чудо, реков заеби, и како реков заеби, како два бетонски блока да ми паднаа од грб. Можеби ја имав почувствувано пријатноста на предавањето порано, но ова, сигурна сум беше многу попотентна голтка.
Ако ви беше предолго за читање, главно сакав да кажам, викендов беше фин, ништо не е во ред и сѐ е во ред.