Како мислиш, Доритос за жени?

А толку е лесно да се помисли дека чипсот е унисекс работа.

Најново од рубриката „Решенија за проблеми што не постојат”, е идејата неколку луѓе кои ич немаат друга работа, а работат во ПепсиКо (производител на Доритос), да направат дамски чипс кој ќе им одговара на жените како луѓе што не сакаат да се прљаат, не сакаат да џвакаат гласно и не ги дојадуваат трошките директно од кеса.

Во интервју за Фрикономикс Радио, Индра Нуји, главен извршен директор на компанијата што го држи Доритос, вели дека додека мажите ги џвакаат флуоресцентните, триаголни грицки, па ги лижат прстите после тоа, па си ја истураат ќесата во грло со задоволство, жените не прават така (да се кладиме?)

Вака замислуваме мажи со чипс.

„Не сакаат да џвакаат гласно во јавност. Не си ги лижат прстите и не сакаат да си ги истурат трошките и ситните искршени парчиња и солта во уста.” Не е баш јасно дали ПепсиКо ќе извади женска верзија на Доритос, или нова линија на грицки за жени, но Нуји вели дека чипсови за жени би крцкале помалку и би биле почисти за јадење.

Дали функционира родовиот маркетинг? Зависи од суштината, според Трејси Фолоус, експерт за маркетинг стратегии. „Ова е класичен пример на претставување на жените како проблем, за кој што производот наоѓа решение. Можеби проблемот е во производот; дека не е осмислен за сите - а не дека е за одреден пол. Ако веќе прават нова верзија, зошто да не ја рекламираат како варијанта отворена за сите? Не разбирам зошто да биде само за жени.”

Иако има случаи каде што женските варијанти се продаваат по повисоки цени, Фолоус вели дека ова е најверојатно пи ар можност во категорија што многу се потпира на промоција - но додава и дека луѓето лесно забележуваат вакви маркетиншки трикови во денешно време. „Многу производители на храна и пијалоци го пробале ова. Сме виделе пиво за жени и слични работи, а често не функционира затоа што затоа што е специфично таргетирано и нападно.”

За некои било и успешно - на пример Јорки, чоколадото што го рекламираа како „не е за девојчиња” (и продажбата порасна за 30%). Функционираше, како што вели Фолоус, дека имаше „фундаментална вистина, односно дека Јорки секогаш таргетираше големи мажи. Беше играње со тие културни норми. А овде нема суштина, овде е ‘Ај да направиме нешто за жени, да си го прошириме пазарот.’ Нема никакво разбирање, само е кажано дека жените не сакаат да си ги 'пијат' чипсовите.”

6 февруари 2018 - 10:15