Како Лагерфелд го обнови Шанел

Во 1982, во Шанел, тогаш модна куќа - еквивалент на стара аристократка, влегува Лагерфелд кој во тоа време работи и за Клое и за Фенди. Иако Шанел е куќа на иновации, во тој период станува досадна и буржоаска, па Лагерфелд сфаќа дека ѝ треба лифтинг и создава пример за креативен директор што се следи до ден денес.

„Многумина велеа дека Шанел е мртва куќа,“ се сеќава дизајнерот Ерик Рајт, кој на Лагерфелд му бил десна рака со децении, „и мислам дека му се допадна предизвикот на луѓето да им покаже дека грешат. Дека нешто мора да се направи.“

Било кој дизајнер што влегува во веќе етаблиран бренд, мора да реши како да се справи со неговата историја; начинот на Лагерфелд да се оддаде почит на наследството не беше со имитација, туку со надградување. Нурнат во сѐ што значи Шанел, знаеше точно како и кои правила да ги прекрши за неговиот пристап да успее.

Имал богат речник на Шанелизми за играње - тука влегува и костумот од твид, малиот црн фустан, штепувањето, камелиите, златните синџири, бројот пет. На тоа ја додава и самата слика на Коко Шанел - го креира логото со дупло Ц што станува познато насекаде, во момент кога модната индустрија станува глобална, со помош на сите предности на комуникацијата.

Статусот се преведува на сите јазици, а Шанел отсекогаш биле ексклузивен бренд. Лагерфелд го симнува од пиедесталот без да изгуби сјај и во процесот на одново измислување на Шанел, се трансформира самиот и станува икона.

Отсекогаш тврдел дека сака да гледа напред, не назад, и како што ќе каже Хамиш Боулс, „тргнал да го менува светот на модата со претворање на нешто старо во ново.“ Ова го има направено со внимавање на современиот дијалог меѓу кодот на модните куќи и поп-културата. На овој начин, „светот го внесува во Шанел, а Шанел го внесува во светот“.

Ова, плус уште многу возбудливи дискусии можат да се чујат на еден одличен подкаст достапен на Спотифај со наслов In Vogue: The 1990s, што ви препорачуваме да го ѕирнете.

26 октомври 2020 - 11:50