Kако Ким Кардашијан ќе стане адвокат без правен факултет?

Малку е чудно, ама може. Кај нас се разбира не, ама таму да.

Ким Кардашијан планира да стане адвокат без да студира право на факултет. На Вог им кажува дека во моментов почнува со четиригодишна работа како приправник во правна фирма во Сан Франциско, и целта ѝ е да полага испит во 2022-ра.

Калифорнија, каде што живее Кардашијан е една од четирите држави (заедно со Вермонт, Вирџинија и Вашингтон) каде што идните адвокати можат да учат како приправници неколку години, а потоа да полагаат испит заедно со апсолвенти по право. А не дека е лесно: се учи по 18 часа неделно, четири години (не сме учеле ние и повеќе?!). Мораат да полагаат и помал испит после првата година.

Водителката на Тудеј Шоу, Савана Гутри која има диплома по право од Универзитетот во Џорџтаун и го полагала испитот во Аризона, вели дека Кардашијан има многу работа.

„Испитот во Калифорнија се смета за еден од најтешките. Мораш многу да научиш на памет. Има прашања со повеќе можни одговори и дел со есеј, па би рекла дека ако го положи тој испит, заслужува да стане адвокат.”

Учи.

Плус, без разлика што на една Кардашијан не ѝ е тоа проблем, придобивките од овој начин се поголеми: се плаќа 150 долари на почеток, и 30 на секои две години за испитот, па трошоците за ваква диплома ретко надминуваат неколку илјади долари. За разлика од ова, трите години правен факултет стигаат и до сума од 150.000 долари.

И во минатото, пред да станат правните школи вообичаени, „читање закон” било начин да се стигне до професијата адвокат во Америка, и на овој начин и Абрахам Линколн дошол до тоа, според Пипл.

Сепак, Њујорк Тајмс забележува дека 60 луѓе годишно се одлучиле за овој пат, наспроти скоро 84.000 што решиле сепак да студираат.

3 мај 2019 - 14:56