Како да знаеш кога да дадеш отказ

Без разлика колку години имаме или колку време работиме, прашањата си доаѓаат - од како да се одговори на писмо за одбивање, до како да се каже не на обврска што не ти треба.

Сите имаат лоши денови во врска со работата. Нормално е. Она што не е нормално е константно чувство на анксиозност и едно чувство на неинспирираност што не само што ти влијае на работењето, туку ти се провлекува и во други делови од животот.

Елен Мекензи, ЦЕО и основач na Dishing Up Digital - бутик агенција за дигитален маркетинг се препознава себеси во овој контекст - припаѓа на Генерација З и редовно се потресувала во недела вечер од помислата дека „утре е понеделник“.

„Требаше да уживам во една релаксирачка недела, а наместо тоа, се мачев да заспијам,“ изјавува за Хелоугиглс. „Стресот и немањето радост за одење на работа секоја недела ми беше најголемиот знак дека треба да си одам. Знаев дека не сакам така да се чувствувам во следните 40 години и време беше да најдам нешто што ќе го сакам.“

На крај, тезгата менаџер на социјални мрежи ја претвора во работа од соништата. Одеднаш, одењето на работа било живи радости.

Ваквите приказни звучат филмски и не мора да значи дека зад аголот после отказот се крие совршенство. Сепак, ако се пронајдете во појавите подолу - можеби е време за отказ.

Токсична работна атмосфера
Експертите сметаат дека непријателскиот однос на работното место е витален знак дека треба да се даде отказ. Ако ве малтретираат, експлоатираат или страдате од некого на било кој начин, отказот може да е најдобра опција за вашата општа состојба. Ова се пријавува во човечки ресурси, ама не е лошо и да се планира стратегија за излез во секој случај.

Има малку или ич можности за развој
Недостаток на можности за напредување во кариерата значи дека може да е време да се продолжи понатаму. Нека ви биде само јасно дека унапредувањата не се единствена можност за раст - професионалниот развој е добар за билдање на личното портфолио исто така. Проценете какви можности имате пред вас, ако размислувате за друг работодавец.

Недостатокот на опции за надградба доаѓа под рака со недостатокот на инспирација. Кога сте неинспирирани или можете мижеечки да работите, време е да се побара нов предизвик, улога или проект. Ако тоа не е можно, и нема каде да се оди нагоре, тогаш се размислува дали да се остане. Компанијата треба да го унапредува личниот и професионалниот развој.

Културата на работно место веќе не одговара
Чувствувате подршка на работа? Може да работите некаде каде што сите мислат дека е совршено, под голем бренд и со интересни клиенти, но ако не ве третираат добро и секогаш мора да се воздржувате да бидете автентични, тоа треба нешто да ви каже. Уште еден знак дека треба да се напушти бродот, е ако работодавецот не ги дели истите вредности со вас. И дали ви се подмирени потребите? Ако компензацијата е недоволна за вас и вашето семејство, можеби на друго место ќе ви биде подобро.

Нема флексибилност
Работата од дома предизвика промена во приоритетите кај многу баратели на работа. Пред се, во однос на флексибилноста - луѓето немаат опции за чување деца, родители, или сакаат да сменат локација, и слично. Ако моменталната работа не одговара со личните обврски што ги имате, можеби треба да побарате работа со пофлексибилни услови.

Како да дадете отказ:
Важно е да се обрне внимание на овие знаци бидејќи тие одредуваат и колку ќе напредувате. Треба да бидете на место од кое може да се движите кон успех, па затоа и треба искрена проценка на она што го правите, колку вложувате и дали и вие ги исполнувате критериумите на работата. Ако верувате дека е така, и сепак не се развивате, не ви го препознаваат трудот или едноставно не сте среќни - време е да си одите.

Да се напушти токсична работа звучи супер теоретски, но реалноста знае да биде страшна, особено кога имате сметки за плаќање.

Споменатата Мекензи вели дека отказот бил најдобрата одлука што ја донела, но кажува и дека го извела сето тоа „на вистинскиот начин“.

„Ја разработив тезгата, ја валидирав бизнис-идејата што ја имав и креирав финансиски план за да знам дека со сигурност можам да ја напуштам работата и да имам доволно пари во банка за да не бидам под стрес секој ден. Колку и да промовирам отказ и дизајнирање живот што ќе го сакаш, на ова мора да се пристапи обмислено,“ вели таа. „Имаме сметки и животот чини пари. Ако менувате кариера или почнувате бизнис, имајте план. Не носете одлуки импулсивно или кога сте емотивни. Планирајте однапред и најдете нешто што ќе го сакате и ќе ви донесе успех во животот.“

4 август 2021 - 13:39