Како најлесно се стига до мудриот во група луѓе? Прво почнуваш со лесно прашање, па после поставуваш комплексно.
Да речеме дека сте на Зум состанок со маркетинг тим. Ви требаат идеи како да ги потрошите последните неколку илјади од буџетот и идеите треба да се паметни. Дискусијата може да отиде во различни правци, како би знаеле кој да го фатите? Можете да почнете со лесно, директно прашање, за прво да се разоткријат тие што едвај чекаат да се извикаат и да се докажат.
На пример, можете да кажете, „Потсетете ме што значеше ЦТР?“ Може не работите маркетинг и друг пример повеќе ќе ви одговара - CTR значи click-through-rate и луѓе што работат во маркетинг го знаат, ама јасна ви е аналогијата, за каков и пример да се работи. Од овој момент се повлекувате и слушате - кој се истрчува да одговори?
Желните за „петка на раче“ забораваат да размислат дали нивниот придонес воопшто вреди, ќе го прескокнат процесот на проценка и веднаш ќе одат на „победа“.
А постои причина што паметните луѓе ќе се воздржат од давање на очигледни одговори: Прво помислуваат дека е трик-прашање. Не треба да си генијалец, ако на час по англиски професорката праша „што значеше bread?“ да ти текне дека нема логика прашањето и дека можеби треба да се почека и да се види кон што води вакво навидум просто прашање.
Кога ќе се исчисти вревата по едноставното прашање, на ред доаѓа комплексното кое е дадено за пример - каде треба да се потрошат парите? Додека тие што се истепале да кажат дека bread е леб сега задоволно ќутат затоа што веќе се истакнале, можно е да забележите дека останатите прават пауза, размислуваат, разгледуваат белешки и се воздржани накратко - и ова може да значи дека немаат само еден одговор - но на крај ќе предложат идеја.
Паметни луѓе што решаваат проблеми знаат дека ништо не е поважно од размислување со своја глава и се трудат да избегнат гласно кажување на очигледното, за да можат да вложат време и енергија во нешто што бара анализа и креативност.
Вреди да се спомне дека не секој лидер на тим може ова да го изведе безболно - ваквите финти на локално ниво многу лесно преминуваат од штедење на време и издвојување на членови од тим - во пеколно гњавење на вработените на состанок кој многу лесно би можел да биде мејл.
Доброто е што ова може да се искористи во повеќе сфери - од канцеларија до кафана - ги ловиш тие што изјавуваат очигледни работи и знаеш со кого не мораш да комуницираш баш толку посветено.
Вреди да се проба.