Кафе Менопауза

Од биологијата не се бега. А тоа значи дека или познавате некој што има потреба од дружби со наслов „Кафе Менопауза”, или доволно сте созреале и на вас да ви се засвиѓа идејата.

Наспроти навидум страшната изјава „од биологијата не се бега”, стои фактот дека кога жените ќе решат да си помагаат меѓу себе, макар и само со вербална поддршка - ништо не може да ги запре.

Тоа значи гушкање и разговарање до 101 и назад, значи пеење на поп песни со изменет текст да одговара со менопауза и значи споделување искуства за сите жештини и промени во расположение, со една цел - секоја што е вклучена во „Кафе Менопауза” да знае дека не е сама и не е само таа.

Од нивниот сајт:

Во Menopause Café, луѓето, кои често не се познаваат, се собираат да јадат торта, да пијат чај и да дискутираат за менопауза.

Целта ни е:

Да ја подобриме свеста за влијанието на менопаузата на оние кои ја искусуваат, нивните пријатели, колеги и семејства, за да можеме да правиме свесни избори за оваа трета фаза на животот.

Се работи за групна дискусија за менопауза без претходен план, цели или теми. Не е сесија за советување, туку група за дискусија. Обично се делиме во помали групи и добредојдени сте само да слушате, иако се надеваме дека ќе се вклучите во дискусијата.

Нашите „Кафе Менопауза” собирања се нудат:

На непрофитна основа

Во пристапен, пристоен простор

Без намера да се наведуваат луѓето на заклучоци, производи или нкакви активности

Заедно со освежителни пијалоци и торта!

За кого е?

За секој што е заинтересиран да сподели приказна, искуство и прашања за менопаузата. Сите полови и сите возрасти. Мажи, жени и се измеѓу. Стари, млади и се измеѓу.

Прашањето што се поставува е: дали сме кадарни и дали кај нас би успеала ваква работа?

23 мај 2018 - 10:41