Ви текнува на оскаровското селфи во 2014 што за кратко стана најлајкуваниот пост на Инстаграм? После од првото место го симна свадбениот бакнеж на Ким и Канје, па косата на Кендал Џенер и објавата на Бијонсе дека е бремена, со што се докажа дека дали некоја слика ќе биде „најлајкувана“ зависи од моменталното културно расположение, или што или кој е во тренд во моментот. Сепак, тим од истражувачи се посветил на ова и пробале да откријат што предизвикува една слика на Инстаграм да добие лајкови, кога пристап до Кардашијан не е возможен.
Според Вилијам Ренд, професор по маркетинг на универзитетот во Северна Каролина, „придонесува моќта на брендот и бројот на следачи што ги има на Инстаграм.“ Ова е најсигурен предвидувач на тоа дали конзумирачите ќе реагираат со сликата. Текстот што доаѓа со сликата е исто така важен. Сепак, Ренд, и повеќето вклучени истражувачи раштркани низ светот сакале подлабоко да навлезат во ова. И нашле нешто.
Велат дека има две различни причини поради кои некој на Инстаграм реагира на фотографија: комплексност на карактеристики (термин за боја и осветлување на сликата) и комплексност на дизајн (колку предмети има сликата и дали е симетрична). Потоа им дале бодови на 148.000 фотографии врз основа на овие фактори, па испробале различни комбинации со алгоритам базиран на човечко однесување да видат кои слики имаат повеќе шанси за лајк.
Откриле дека кога се работи за карактеристиките, колку е понеутрално, толку е подобро. Полесно се лајка слика со разноликост во бои, но „не премногу и не премалку“. Ова значи да не се претерува со додавање на светлина или сатурација. Потоа, бирање филтер што ги измазнува проблемите на сликата во врска со светло, боја и сенки, ги зголемува шансите за лајк за 3%.
Понатаму, кога се работи за тоа што се случува на сликата, откриле дека сликите со најмногу шанси за лајкови одат во два спротивни правци - или да е премногу едноставно и минималистичко, или неверојатно детално и комплексно. Кога ќе се земат предвид и следачите, оптимизирање на дизајнот и карактеристиките на сликите ги зголемува реакциите за околу 19%.
Се разбира, има многу причини зошто би сакале да ги зголемиме лајковите на нашите постови; од обид да се испратат важни пораки до повеќе луѓе, до споделување на работа или креативност. Или, едноставно си се свиѓаш на слика и сакаш да ти потврдат - фер. Но, иако постојат начини да ја подобриме „лајкливоста“ на нашите фотографии, реално треба да ни е јасно дека бројот на лајкови не мора да значи дека ја рефлектира содржината. Сепак, да не заборавиме дека најлајкуван пост на Инстаграм во моментов е сè уште фотографија од - јајце.