Ново истражување кое вклучува 671 млад човек, открива дека тоа што сме лојални на Инстаграм нè води кон користење на апликацијата како платформа за изразување на себеси на еден поискрен начин. Како резултат, корисниците успеваат да култивираат значајни односи со луѓето и во реалниот свет.
Целта на истражувањето била да се анализира себе-претставување на Инстаграм и на кој начин тоа помага да се развијат пријателства. Излегува дека оние први кршења на мраз во едно запознавање, како пријателски пораки во инбокс и лајкови на фотографии не се губат во етерот. Наместо тоа, водат кон разговор на едно подлабоко ниво, што потоа води до пријателство и надвор од апликацијата.
Анкетата покажува дека е особено корисно за поинтровертни луѓе, кои имаат проблем да се спријателат во вистински социјални ситуации, плус се ублажуваат оние често непријатни први разговори - сега се случуваат во простор каде што имаме време да размислиме за одговорот.
За Форбс, ко-авторот на истражувањето, проф. Порисмита Бора вели, „Инстаграм е толку визуелно-богата платформа и тоа навистина помага во себе-претставувањето.”
Постои и важниот фактор на дистанцата. Дете од мало место, чија адолесценција е оформена од другарчињата од Тамблр, ќе разбере колку е вредно нешто како социјална мрежа кога се работи за наоѓање сродни карактери.
Точно, аргументот дека треба да сме надвор, и да запознаваме луѓе на потрадиционални начини стои, но за оние што се отсечени од луѓе слични на нив, изборот едноставно не постои. Плус, толку време поминуваме на овие платформи, што јазикот како луѓе и преку компјутер ни е речиси ист; и има смисла што пријателствата што почнуваат од една ситуација можат лесно да преминат во друга.
„Наодите се оптимистични,” вели главниот автор на студијата, Даниел Ли. „Прикажување себе на Инстаграм може да доведе до развој на едно пријателство, дури и ако следачите се само на едно здраво во почетокот.”
Во време кога социјалните мрежи често се толкуваат како нездрав простор полн со омраза, вакви истражувања што го афирмираат она што новата генерација веќе го знае се охрабрувачки. Сега барем можеме да продолжиме понатаму, знаејќи дека времето што го поминуваме залепени за телефон може да значи и нешто добро.