Инстаграм повторно успеа да ги навреди дебелите

Овој пат со алгоритам.

Според Џенифер Албо, потпретседател на едно здружение на актери за возрасни, претставник од Инстаграм „потврдил дека Инстаграм има алгоритам што детектира и означува фотографии што содржат над 60 проценти кожа.” Официјално, компанијата тврди дека

„тоа не е точно. Имаме проактивна технологија врз основа на вештачка интелигенција која наоѓа содржини што се против нашите правила кои не дозволуваат голотија, но сепак, има многу сигнали што влегуваат како фактор. Не користиме алгоритам што идентификува процент на кожа.”

Иако оригиналната намера на алгоритмот е да цензурира слики кои може да се неприкладни, особено за помлада публика, непријателски е настроен за покрупните корисници.

Што значи ова?

Поситните жени на пример, облекуваат костим за капење што покрива 40% од кожата. Ако крупна или дебела жена реши да го носи истиот костим, тој ќе има повеќе материјал, но истовремено - таа има многу повеќе кожа - што значи дека алгоритмот злобно ќе дотрча со вила и брзо брзо ќе ја симне нејзината слика, иако реално, ништо страшно нема на нејзе.

Па, добро, да, стварно има повеќе кожа.

Значи не било намерно, ама обвинувањето е сепак дека Инстаграм има дебелофобичен алгоритам.

Ова стигнало и до дискусија на CurvyCon, „тридневниот настан кој спојува плус-сајз брендови, модни ентузијасти, шопахолици, блогери и јутјубери на едно место, да зборуваат за облини, да пазарат за облини и да им се радуваат.” Таму, Карина Шеро, плус-сајз инфлуенсерка и модел за долна облека ја прашала актерката Џамила Џамил како може да се натера Инстаграм да не ѝ ги трга сликите на таков нефер начин.

Вели,

„Истата содржина поминува кај слабите, а кај дебелите се смета за порнографска.”

Плус (хехе),

„Како плус-сајз луѓе, единствените медиуми што го имаме е тие што самите ги создаваме.”

И како и сите популарни крупни инфуленсерки, и таа сведочи за пораки од млади жени кои и велеле дека размислувале и за самоубиство од што се чувствувале невидливи во медиумите, додека не ги видлее нејзините слики.

Па, да се надеваме дека од Инстаграм ќе го сфатат фидбекот. Со тоа што, и да не го сфатат, или да е невозможно да го решат, да не ќе ги бојкотираат како Викторијас Сикрет?

Тешко.

16 октомври 2019 - 16:26