Ингрид Бергман и улогата во „Gaslight“

Филмот по кој и методот на манипулација денес толку дискутиран го добива името, ја има Ингрид Бергман во главната улога, иако во реалноста многу се разликувала од ликот.

Иако со тек на време многу се приврзала за улогата и инсистирала да учествува во филмот, Бергман прво се мислела за улогата на Пола. Се сметала за многу силна и независна жена и се грижела дека нема да може убедливо да ја одигра повлечената и нежна Пола, за на крај сепак да се гордее со изведбата и да го смета ангажманот за еден од најголемите предизвици во кариерата.

Режисерот Џорџ Сукор предложил Бергман да ги проучува пациентите во ментална болница за да научи за нервни сломови. Така и направила и се фокусирала на една жена чии навики и физички чудности станале дел од ликот.

Сукор практикувал метод на раскажување за да ја стави Бергман во потребниот мајндсет како што траело снимањето. Секој ден, одново ѝ го раскажувал целиот филм до моментот на сцените што требале да ги снимаат тој ден. Сукор сметал дека овој метод е корисен и потребен, бидејќи филмот не се снимал по ред, а ликот на Бергман требалло да се менува со тек на време. Бергман брзо почнала да се нервира поради техниката и на Сукор му рекла дека не е „глупа Швеѓанка“ и веќе ѝ го кажал тоа. Сукор престанал да раскажува неколку дена додека еден продуцент не го известил дека глумците играат како под вода. Почнал пак, а Бергман наскоро почнала да ја цени оваа пракса.

Сцената каде што Анџела Лансбури пали цигара и покрај негодувањето на Бергман морала да се одложи за крајот на снимањето бидејќи била малолетна и социјален работник морал да ја надгледува. Не ѝ дозволувал да пуши, па морале да одложат до нејзиниот 18-ти роденден. Кога влегла на сетот на роденденот, Бергман и екипата ѝ имале организирано забава и сцената со цигарата се снимала веднаш по славењето.

Кога Бергман добила Оскар за најдобра женска улога за Gaslight, на публиката ѝ рекла:

„Драго ми е што победив, затоа што утре почнувам да го снимам продолжението на Going My Way со Бинг Крозби и Лео Меккери и ми беше страв дека ако немам Оскар, нема да ми прозборат.“

Во Gaslight се работи за навидум нежен сопруг кој со лаги и манипулации се обидува да ја изолира неговата богата жена, за да може легално да ја остави во институција и да ѝ ги троши парите. На проблемите што ѝ ги приредува, секогаш им претходи проблем со ламбите на гас.

Од таму и зборот gaslighting, кој во 2022 Меријам-Вебстер го избраа за збор на годината.

19 март 2024 - 13:13