Има причина што се шишаме после раскинување

Сте виделе дека на Инстаграм има дури и хаштаг: #breakuphair? Кога ќе го тапнеш, излегуваат стотици слики од жени со екстремни трансформации. Навикнати сме да гледаме нова коса и кај јавни личности после раскинување. Што е всушност работата?

„Менување фризура за да се означи важен дел од животот е делумно сигнал за тоа колку многу обрнуваме внимание на изгледот на жената за да дознаеме што ѝ се случува,” објаснува Рене Енгелн, професорка по психологија и автор на Болни од убавина: Како културолошката опсесија со изгледот ги повредува девојките и жените. „Радикална промена во изгледот може да биде начин да испратиш порака дека правиш радикална промена и во животот - или дека би сакала.”

Од Фрида Кало до Кети Пери, многу жени се одлучиле за катарзично шишање после крај на некоја врска. Косата како дел од нас со најголема трансформативна моќ симболично е претставена и во библиската приказна за Самсон, кој според приказната ја губи силата откако ќе ја скрати косата. Но, во денешниот свет, симболиката повеќе се врти околу „враќање на силата”, наместо губење.

„Сакав да се сменам, за себе. Сакав да почувствувам дека имам контрола над одлуките што ги носам за самата себе и сакав да си дадам можност да направам нешто без да побарам нечие мислење претходно,” објаснува една Џес Сикон за i-d.vice. После раскинувањето, ишишала 12 cm. „Подготвена бев да свртам нов лист и да почнам од ново.”

Коко Шанел има кажано, „Жена што ја скратува косата се спрема да си го промени животот.” Драстично скратување е очигледен и некако лесен начин да му кажеш на светот дека си спремна да почнеш одново, а кога си импулсивна, ова е многу полесна варијанта од revenge body (она кога ќе се направиш драматично згодна после раскинување).

Коби Алкантар, фризер од Бруклин вели, „Некои луѓе доаѓаат после раскинување и сакаат да нема коса, не ги сакаат спомените, како да има ДНК во косата што ги содржи тие спомени.”

Таков е случајот со една 26-годишна девојка, Шелби Становсек, која се ишишала после едно тешко раскинување. „Не можев да престанам да мислам колку ми е тешка косата,” споделува Становсек. „Се обидов да не мислам на тоа, мислејќи дека ќе зажалам за шишањето, но ми беше претешка.”

Иако и кај мажи се случува, на овој катарзичен потег најчесто се одлучуваат жени. Веројатно поради фактот што косата е толку тесно врзана со женственоста. Писателката Ерин Блејкмор за JSTOR Daily објаснува: „Шишањето, а со тоа и отпорот кон традиционалните идеи за женска убавина е класичен начин да се дистанцираш од подреденост.” Кога некои жени излегуваат од врска, не сакаат само нова фризура, туку начин да изразат моќ и индивидуална слобода - нешто што можеби им фалело во врската.

Иако тоа импулсивно шишање можеби не ги решава животните проблеми, сепак е чест механизам за справување кон кој жените често се вртат. Ако веќе се шишате, оној Алкантар од погоре советува да најдете фризура со која ќе се чувствувате самоуверени. „Шишање после раскинување е како да му кажуваш ‘кој те ебе’ на бившиот, и тоа е супер,” вели тој, „но осигурајте се барем дека фризурата ќе ви стои и дека ќе пукате од самодоверба.”

21 јуни 2018 - 12:33