Има ли ова дете старател?

Манекенката Кариса Пинкстон, во своите кревки 20 годинки успеала да има и „трансфобични постови од минатото” и да излаже дека е трансродова личност и да признае дека излажала.

Пинкстон, која се појавува и во кампањите на Фенти на Ријана меѓу другото, се правда дека испаничила откако се појавиле нејзини трансфобични постови на Фејсбук.

Дебаклот почнува во мај, кога на социјалните мрежи излегуваат постови што Пинкстон ги објавила под името Риса Даниел.

На 23-ти мај пишува:

„Да си трансродова личност НЕ те прави жена. Едноставно те прави трансродова личност.”

Подоцна, како да ја тера ѓаволот, на 5-ти јуни вели:

„Ако трансродовите жени можат да кажат дека се жени, тогаш јас можам да си ја вратам невиноста.”

Овде веќе треба да се појави некој возрасен и да ја прекине. Веројатно тоа и се случило, затоа што постовите се избришани, ама интернет си е интернет и тука и скриншотови функционираат, особено во последно време.

Без грам разбирање што е незрела, агенцијата ја отпушта, но нејзе не ѝ доаѓа памет.

Пинкстон одлучува дека на светот ќе му признае дека таа самата е - транс-жена.

„Од многу мала ја направив промената и од тогаш живеам како женско,” пишува таа на 22-ри јули, додавајќи дека трансфобијата била „само одраз на нејзината внатрешна несигурност”.

Ова не проаѓа така лесно, затоа што се јавуваат колеги и колешки што ја издаваат веднаш.

Манекенката Алис Вилсон изјавата ја нарекува „ужасна и одвратна” и вели дека Пинкстон „лаже илјадници луѓе.”

Вистински трансродов модел, Арон Филип додава:

„Замисли да си манекенка што ја откриле дека е трансфобична, или дека кажувала трансфобични ствари во минатото и да ти текне да лажеш дека си трансродова личност онлајн за да си ја спасиш кариерата? Ја знам девојката лично и МНОГУ Е ЦИС-РОДОВА.”

Ако имате непознати во равенката, во ред е. Ова е таков еден хаос, родени пред '90-та тешко можат да му го фатат крајот, ама ние се трудиме. Транс-жена е кога некој роден како машко, решава да живее како жена. Цис се луѓе чиј избор за род се поклопува со полот со кој што се родени. Девојчево од којзнае кои причини си дозволило во ова време на екстремна политичка коректност да ремети трансродови лица. Па, да лаже дека е самата транс.

И на крај да признае дека лажела, дури и жал да ти падне:

„Испаничив и мислев дека ако кажам дека сум транс, дека некако ќе се спасам, ама само ги влошив работите,” пишува таа во последниот пост. „Навистина ми е жал. Имам само 20 години. Правам грешки, но одбивам да дозволам да ме дефинираат.”

И сега презема целосна одговорност за тоа што го кажала, но истакнува дека никако не е трансфобична.

„Знам како е да те малтретираат и да те закачаат. А јас сакав да се вклопам во една заедница. Но, во тој момент не знаев што да правам. Лажев само затоа што добивав закани по живот. И се исплашив, па мислев дека ќе ме прифатат само ако кажам дека сум транс. И на крај го добив искуството на една транс-личност.”

Не си ги пуштајте децата толку млади по бел свет.

31 јули 2019 - 02:25