И мажите носеле корсети

Смешно е како денес постојат некакви правила и неприфатливи појави, а само да ѕирнеш (не предалеку) во минатото, правилата паѓаат на теме.

Жените не биле единствените аристократи што се мачеле да дишат во корсети за да создадат социјално прифатлива силуета.

Во втората половвина на 18. век, мажите носеле тесни панталони и сакоа. Корсетите и ним им помагале да бидат позгодни. Сепак, Французите и Англичаните се умориле од овој тренд до средината на 19. век (брзо им текнало) и тие што продолжувале да ги носат веќе биле задевани.

Австријците продолжиле нешто подолго и покрај промената во модните стандарди во остатокот од Европа. Еден Англичанец кој одел во австриски интернат во еден број од 1867 на списанието Englishwoman's Domestic Magazine, има забележано:

„Од лично искуство, сакам да изразам одлучно и неквалификувано одобрување за корсетите. Рано бев пратен во школо во Австрија, каде што врзувањето не се сметаше за смешно кај мажите како во Англија и темелно се бунев како Англичанец. Тврдоглавиот наставник беше глув за моето протестирање и набрзинка цврсто ме врзуваше во модерен виенски корсет… И не е ни суета што оттогаш продолжувам да ги носам, без да ми биде грижа дали ќе ме исмеваат, се трудам облеката да не ме предаде…“

Некои лекари во 19. век почнале и веќе да предупредуваат дека е нездраво стегање во корсети. Еден хирург, Вилијам Хенри Флауерс во неговата книга од 1881 Fashion in Deformity напишал и дека тесните корсети се опасни речиси колку и модифицирање черепи и врзување стапала.

А сепак, замислете да продолжеа мажите со корсети?

Пак немаше да биде полошо од тесни, тенки фармерчиња.

30 септември 2024 - 11:57