Слично како Твитер Блу на Илон Маск, услугата ќе им овозможи на Фејсбук и Инстаграм корисници да имаат „плаво штиклирано“ за 9,99 фунти месечно. Ќе треба само да имаат над 18 години и лична карта за да ја добијат опцијата, а веќе е достапна и во САД, Австралија и Нов Зеланд.
Тие што ќе се регистрираат за Мета Верифајд ќе добијат нотификација кога ќе им биде достапна, а тие што ќе бидат одобрени ќе добијат сина значка. Ако не ви е јасно зошто некој би плаќал за значка, од Мета тврдат дека ќе добијат поголема заштита од имитација и крадење идентитет, делумно затоа што ќе им се набљудуваат профилите за да се најдат фејкери. Плус, верифицираните ќе добиеле пристап до „вистински човек“ на кој ќе можат да му се обратат ако имаат проблем.
Во ноември лани, Илон Маск промовираше ваква значка и беше контроверзно затоа што дотогаш никој не плаќаше, требаше само да биде вистинскиот. Сега секоја шуша со 20 следачи може да биде „вистинскиот“, само прашање е на кого ќе му докажува.
Маск им ги отстрани на сите оригиналните значки и сите мораа да платат, но кога се појавија проблеми, односно, кога на пример Хилари Клинтон ја изгуби значката и еден куп луѓе побрзаа да си го сменат името и да се претставуваат како неа, од Твитер решија да им ги вратат на некои славни личности, влади и организации бесплатно.
Фејсбук и Инстаграм веќе имаат систем за верификација на битни фигури. Ова со плаќањето доаѓа откако најавија дека 11,000 луѓе ќе останат без работа како резултат на претерано инвестирање за време на пандемијата. Тогаш предвидуваа раст, ама не испадна ништо, особено после опсесивното фурање на Метаверс, за чија пропаст имавме тука.