И Џули Ендруз оди на терапија

И вели дека терапијата „на некој начин ѝ го спасила животот”.

За психотерапијата и како таа ја доживеала пишува и во новата книга „Домашна работа”, а прв пат почнала да оди откако се разделиле со првиот сопруг.

„Главата ми беше полна со глупости и ѓубре. Верувале или не, (режисерот) Мајк Николс ме заинтересира на темата, затоа што беше… Беше толку нормален, забавен и бистар. Имаше една јасност кај него на која многу ѝ се восхитував и го посакав тоа за себе, а го немав. Па, отидов и навлегов во тоа, и на некој начин тоа ми го спаси животот.”

Ова го кажува во интервју кај Стивен Колбер, кој притоа ја прашува зошто смета дека е важно да го сподели нејзиното искуство. И повторно, Ендруз ја руши стигмата, притоа истакнувајќи зошто би можело да им е тешко на некој луѓе да се решат на ваков чекор.

„Зошто да не се зборува за терапијата ако помогне некој да ја добие истата идеја? Во денешно време нема штета да се сподели тоа. Мислам дека на сите им е јасно колку многу може да ја подобри ситуацијата. Да може човек да има среќа да ја добие, да си ја дозволи и да ја искористи, мислам дека би било прекрасно.”

Значајно е што Ендруз коментира за моќта на терапијата, не само затоа што, доколку славните личности кажат дека одат на терапија, се зголемуваат шансите и фановите да отидат, туку и затоа што со нејзините 84 години, доаѓа од генерација кога разговорот за менталното здравје бил табу (и сè уште е).

Податоци од Американската психолошка асоцијација, покажуваат дека Генерацијата З и миленијалците почесто се грижат за менталното здравје, и истовремено, почесто бараат лечење или терапија. Тие од постарите генерации покажуваат послаба тенденција да зборуваат за тоа или да бараат начин да го решат.

Истовремено е важен и коментарот за имањето среќа да искористиш терапија, затоа што терапијата е скапа (по странство особено) и тоа е често првата причина поради која луѓето не одат.

А реалноста е дека сите би имале придобивки од разговор со професионалец за ментално здравје. Не треба да има ни културолошки, ни финансиски ни било какви други бариери што ги спречуваат луѓето да го направат тоа. Колку повеќе луѓе зборуваат на таа тема, толку повеќе има шанси моменталната ситуација да се подобри.

28 октомври 2019 - 13:21