Грета Гервиг и Марго Роби ќе прават филм за Барби

Кога ќе слушнеш „Ќе се снима филм за Барби“, прво што ти паѓа на памет е „Знам каков ќе биде“, ама кога ќе чуеш дека го пишува и го режира Грета Гервиг, сфаќаш дека не знаеш.

Според Варајети, филмот ќе влезе во продукција во 2022, со цел да добие премиера во 2023. Како би изгледало тоа?

Најавен е пред скоро две години, и тогаш имаше многу дискусија околу ангажманот на Грета Гервиг, која доби многу позитивни критики за филмот „Мали жени“. Ќе го пишува заедно со нејзиниот партнер, Ноа Баумбах, а Марго Роби, се разбира, ќе го игра главниот лик.

Роби е свесна дека ликот доаѓа со тежина:

„Барби доаѓа со многу багаж и многу носталгични конекции. Но, со тоа доаѓаат и многу возбудливи начини да му се пристапи на ликот. Луѓето ќе слушнат ‘Барби’ и си викаат знам што ќе биде, ама кога ќе чујат дека Грета Гервиг ќе го режира, си викаат, па добро, може и не знам.“

Куклата знаеме дека е бастион на застарени и нереалистични стандарди за убавина, доста се потрудија да ни го напикаат тоа во грло, но сепак, Роби е во право, бидејќи ангажманот на Гервиг налага очекувања дека Барби ќе добие некаква рехабилитација.

Само, бидејќи веројатно ќе има и Кен, ќе се помолиме тивко да не мора да биде Тимоти Шаламе, со оглед на тоа што на Гервиг ѝ е гоу-ту. Можеби ќе се случи како во „Приказна за играчките“ третиот дел, кога стана очигледно дека на Барби не ѝ е ни потребен Кен.

Снимањето почнува наредната година во Лондон.

12 јули 2021 - 14:49