Гоја и Веласкез како инспирација за Баленсијага

Во 20-ти век, Кристобал Баленсијага владееше со високата мода со иновативни парчиња инспирирани од невообичаени шпански извори. Инспирација собирал од локалниот начин на облекување, народни костими, борби со бикови, фламенко, католицизам и, како шлаг, сликарска историја. Еднаш има кажано дека „добар моден дизајнер мора да биде архитект за шеми, скулптор за форми, сликар за дизајнот, музичар за хармонијата и филозоф за мерките.”

Во Мадрид сега има изложба, „Баленсијага и шпанско сликарство”, во Museo Nacional Thyssen-Bornemisza и трае до 22-ри септември, ако на некој му се оди. Се прикажува богатството на шпанското уметничко и модно наследство интерпретирано од страна на најеминентниот современ шпански дизајнер. Елој Мартинез де ла Пера, кураторот на изложбата спарил 90 Баленсијага парчиња заедно со селекција слики од шпански мајстори од 16-ти до 20-ти век. Врските меѓу нив се базирани на „концептуални елементи, архитектонски форми и големини и хроматско следење,” според официјалниот прес.

Francisco de Goya, Cardinal Don Luis María de Borbón y Vallabriga, ca. 1800.

Паровите навистина задоволуваат на едно формално ниво, според Џулија Волкоф од Артси. Во дваесеттиот век можеби осамна современата мода, но предизвикувачките современи скулптурални силуети на вечерните тоалети на Баленсијага одговараат со стиловите кои ги носат насликаните дами и религиозните личности пред стотици години.

Се смета дека е Juan Pantoja de la Cruz, сликата е Retrato de la VI condesa de Miranda

Делата на Баленсијага на модерната публика и нудат нешто повеќе од модна инспирација. Изложбата одново ја проверува историјата на уметност од една многу пофлуидна појдовна точка, во која сликарите имале влијание врз модата исто колку и модата врз нив. Сега во нашево време, модата и уметноста се испреплетени повеќе од било кога, и во продажба и во начинот на кои јавноста гледа на нив. Баленсијага сфатил многу рано дека сликарството, претставувањето и модата имаат нераскинлива врска - една сеопфатна комбинација која истовремено зборува со минатото, сегашноста и иднината.

Ignacio Zuloaga, Retrato de María del Rosario de Silva y Gurtubay, duquesa de Alba

Francisco de Zurbarán, Saint Elisabeth of Portugal

Сега јасно ви е зошто иритира новото Баленсијага?

23 август 2019 - 12:49