Генерацијата Алфа го губи девојчинството што миленијалките толку се трудеа да го зачуваат

Филм за Барби, женски концерти, girl power - сето ова се врати последниве години од времето кога миленијалките беа тинејџерки. Голем двигател на овој феномен беше носталгијата, поради која и чекавме продолженија и приквели на класични филмови и цртани што кулминираа со продолжение на „Ѓаволот носи Прада“.

Сведоци сме и на технолошка регресија кон жичани слушалки и полици со ДВД и винили што многу потсетува на девојчинска соба од времето. Но, додека миленијалките се трудат да ги задржат главните симболи на нивните тинејџерски години, од хобија, до естетика и музика, генерацијата Алфа ги губи темелите на девојчинството што миленијалките толку неуморно работеа да ги заштитат.

Сите што растеа во ‘90-те и раните 2000-ти знаат дека значително се разликуваа од доцните 2000-ти и 2010-тите. Нашето време навистина беше поедноставно. Помалку информации имавме (и тоа беше добро!), девојчињата се чувствуваа позаштитено, или барем не беа хиперсвесни за сите опасности околу нив, а пристапот до светот што можеше да им влијае на чувството на самодоверба беше многу помал. За шминка учеа од мајките и постарите сестри, знаеа само за маскара и сјаеви и смееја да прават грешки со оглед на тоа што не беа сите грешки емитувани онлајн.

Сега младите немаат приватност, животите им се документирани, монтирани и лажно шрикажани пред светот, живеат онлајн, имаат пристап до содржини што никако не се за нив и принудени се да се споредуваат со девојчиња што никогаш нема да ги сретнат. Генерација Алфа веќе се фаќаат за ретинол (!) и тоа толку често, што во некои земји им го забранија со закон (ретинол не треба да се става на кожата пред 25-тата година). Тоа не им ја намалува опсесијата со „беспрекорна кожа“ од најмала возраст.

Пострашната страна на сето ова е што претераната видливост на интернет ги прави подостапни за сексуализација на премлада возраст, што периодот од „немање поим“ до чувствување мизогинија на сопствена кожа драматично го скратува. Истата таа мизогинија се провлекува во дипфејкови што сега ги искусуваат на многу помала возраст отколку што тоа било опасност со претходните генерации. Побрзо созреваат, принудени се побрзо да пораснат, а нивната безбедност, добросостојба и ментално здравје треба да бидат приоритет за сите влади.

Некои земји размислуваат за забрана за социјални мрежи за помлади од 16 години, со што би се намалила количината на штетни содржини што девојчињата ги гледаат онлајн. Сепак, на крајот, самото општество има одговорност да го одржи и да го заштити детството, за еден ден, генерацијата Алфа да може да се сеќава на девојчинството на начин што ќе ја натера да посака да си го обнови.

16 јули 2026 - 00:00