Едноставен рецепт што чува другарства

Ако си воведете правило со наслов „првата недела“ за битните луѓе, полесно ќе ги зачувате во животот.

Кога бевме мали, доаѓавме од школо каде што по неколку часа седевме со другарите, и пак си вртевме на телефон да се дозбориме. Ако не беше доста телефон (зависи која генерација сте), се продолжуваше на некој месинџер. Во секој дел од денот знаевме сè, за сечија активност.

Како возрасни, сосе сите тие деца, работни обврски и алишта за перење многу е нормално дека не се постигнува. Често се случува со недели да не прозбориме со луѓето со кои што порано сме биле 24 саати заедно. Па се јадеш, па се чудиш кога си се изгубил, па губиш осет што им се случува во животот...

Ама решение постои.

Има една месечна рутина што ако решите да ја воведете во животот, може да помогне да не се изгубите со блиските. Не е богзнае колку револуционерно, ама врши работа:

Секоја прва недела од месецот одвојуваш време - може да се минути, а може да се саати - да се чуеш, или да се видиш со драг човек што не си го чул одамна.

Ако дозволува времето, можеш и да организираш средба и да наполниш батерии со луѓето што порано ти биле секојдневие. И како сè што е добро на редовна основа - витамини, вежбање и паузи од социјални мрежи, на пример - така и ова.

Само еден ден е, а може да заврши многу работа.

31 мај 2023 - 11:20