Џабе се вади Баленсијага

Совршено детално објаснување на тема - зошто нема шанси од Баленсијага да не знаеле што се случува во кампањата поврзана со детска порнографија.

Жустин Леконт е дизајнерка што сме ја имале на сајт многу пати до сега, заради сите корисни работи што ги објавува. Битното е што порано има работено и како бренд-менаџер - тоа се тие луѓе во компанијата што ги има на секое ниво - од јавен имиџ, до кампањи за колекции.

И баш од нејзиното искуство кажува дека за една кампања да стигне до јавноста, односно до моментот кога ние од оваа страна ќе ја видиме, не само што треба да биде одобрена со сите детали, на сите нивоа, туку тоа се прави месеци порано.

Што значи дека, како што објаснува Леконт, кога ќе дојде денот на снимањето, ништо не е случајно и ништо не е ново - сè се знае однапред, секој детаљ, секој реквизит, секој човек што ќе присуствува - а во случајот на покварената кампања и секоја книга, секое ливче и секоја позиција на предмети што влегуваат во фотографијата.

Затоа е и одвратно што е дозволено да се позиционира цевка која во перспектива како да се наоѓа меѓу нозете на детето, затоа не е случајно што децата држат садо-мазо мечиња, затоа не е ич-ич случајно што судската пресуда дека детската порнографија е казниво злосторство е читлива, а уште помалку е случајно што врамениот сертификат што божем придонесува да заличи сцената на адвокатска канцеларија е на име на човек осуден дека ја злоставувал својата внука.

И најважно - нема теоретски шанси врвот на Баленсијага да не бил свесен за ова.

Прашањето е: зошто?!

6 декември 2022 - 14:18