Дерматолозите сакаат нешто да ви кажат за „природната“ козметика

Во моментов, во светот на природната козметика е хаос. Фразата се користи со години, ама никако да се согласат потрошувачите и професионалците што точно ја дефинира.

Организации како Natural Products Council и COSMOS имаат објавено стандарди што вклучуваат листи на состојки што смеат да влезат во оваа дефинциија. Кредо и Сефора исто имаат сопствени стандарди. И после консултација со мала армија токсиколози, дерматолози и хемичари, и Алур има едно списоче.

Некои работи се повторуваат на сите списоци (формалдехид НЕ), но има и разлики заради кои стандардите престануваат да бидат стандарди.

И, што правиме, тогаш? Хемичарката Крупа Костлин вели дека владина агенција мора да ги постави стандардите, за да можеме да ги користиме вистинските дефиниции. Но, дерматолозите не се толку загрижени за бирократијата, колку што се секираат дека нашата потрага по „природна“ рутина за нега ќе предизвика да пропуштиме истражени (и докажано безбедни) состојки од кои кожата може само да добие.

„Мислам дека е супер што повеќе се внимава на состојките што ги користиме и ги бараме во производите,“ вели еден дерматолог од Калифорнија, Дејвид Ким. „Сепак, неправилно е да се претпоставува дека сѐ што е хемиско е лошо, а сѐ што е природно е добро. На моите пациенти често знам да им кажам дека и отровниот бршлен е природен, но не е нешто што би сакале да го стават на кожа.“

Од Њујорк, коментира дерматологот Мелиса Левин и се согласува:

„На пациентите им објаснувам дека состојките не се лоши, туку се работи за тоа како се користат и во која количина. Помислете на вир со вода - ништо страшно, така? Но, цунами може да биде катастрофално.“

Таа објаснува дека тоа што еден производ има етикета „природен“, не кажува ништо за безбедноста на состојките или одржливоста, за формулацијата или клиничките докази, но интересно е што заради таа етикета, потрошувачите и пациентите се чувствуваат подобро.

И не е лошо кога луѓето сакаат да се свртат кон природно и одржливо или кога им е логично дека природното може да е поздраво за кожата. Сепак, препораката е да се потрудиме да го разбереме производот и да го истражиме, без автоматски да претпоставиме дека нешто е безбедно, само затоа што е „природно“.

Јавното регулирање на „природните“ производи - каде што влегува и универзално прифатена дефиниција би го отстранило тоа „нагаѓање“ и би ни овозможило да носиме поинформирани одлуки.

Сега за сега, ако се сомневате дека некој производ ви одговара - без разлика дали е „природен“ - секако треба да посетите дерматолог за да добиете проценка на состојките, затоа што е битно што има внатре, а не само на етикетата.

9 јуни 2021 - 00:03