Пред и за време на ревијата на Бурбери за пролет/лето 23, Рикардо Тиши за последен пат се претстави преку британскиот бренд. Сега е потврдено дека после повеќе од четири години на чело на компанијата, ќе се повлекува и на негово место ќе дојде Даниел Ли.
Наградуваниот дизајнер родум од Бредфорд ќе биде одговорен за сите Бурбери колекции од 2 октомври годинава, а првата ревија ќе ја има на Лондонската модна недела за изданието есен/зима 23. До ноември 2021, беше креативен директор на Ботега Венета и него му се припишува ре-измислувањето на италијанската модна куќа и нејзините традиционални кодови. Креираше вирални луксузни парчиња и ја донесе заразната зелена боја што за кратко беше наречена „новата Ботега“, а претходно беше директор на Селин и работеше во Баленсијага под Никола Жеские.
Тиши пак, во своето време брендот од „многу“ британски го претвори во интернационален - се заинтересираа ликови како Ники Минаж, Ким Кардашијан и Канје Вест, како и нова генерација модни ентузијасти - донесе поуличен тон, го преправи монограмот, заврши со крзното и го ангажираше Адам Драјвер за кампања.
Изјавата на Даниел Ли за новата епизода:
„Чест ми е да се придружам на Бурбери како главен креативен директор. Заедно со тимот, ќе го напишеме новото возбудливо поглавје за овој легендарен британски луксузен бренд и ќе го продолжиме неговото историско наследство, а ќе го надоградиме она на Рикардо. Многу се радувам што се враќам во Лондон, град што предводи со пионерска креативност што постојано ме инспирира.“