Дали „француски тост“ е француска работа?

Веројатно цел свет прави пржени лепчиња, ама некако стигнало до тоа интернационално да се препознава како French toast.

Во Франција, пржените лепчиња се викаат pain perdu (изгубен леб), затоа што се користи бајат леб за нив. Ама сигурно, сто посто, не се вика „француски тост“.

Патем, возбудата кога пишуваш за пржени лепчиња е што треба да најдеш слики од пржени лепчиња. И кога ќе ги најдеш и кога ќе ги избереш, светот одеднаш ти станува поубав за живеење.

Во колективната свест, пржен леб во јајце доаѓа од желбата да не се фрла храна од економски причини, но и затоа што фрлањето леб, во религиозна конотација било социјално неприфатливо. Експертите се согласуваат дека оброкот датира уште од римско време - сличен рецепт може да се најде во една книга од 5-ти век п.н.е. Римјаните топеле парчиња леб во млеко (и понекогаш јајца) пред да ги пржат и ова го викале „пан дулкис“.

Трага од истиот рецепт се наоѓа и во 15-ти век, во дворот на Хенри V, каде што „изгубениот леб“ бил хит. Терминот „French Toast“ не се појавува до 17-ти век, во Англија, а една од теориите е дека терминот „French“ нема врска со земјата на потекло, туку со глаголот to french, што значи да сечеш, на стар ирски. Од таму, француски тост е всушност, исечен тост. 

Теорија за распространетоста низ Америка? Кога старите Ирци завршиле во Америка после Големата глад (1845-1851), со нив си го донеле и јадењето и називот. Како термин, прв пат се појавува во „Енциклопедија на американска храна и пијалоци, само што ова објаснување не е толку веројатно со оглед на тоа што има и рецепти како „Тост во јајце“, „Шпански тост“ и „Германски тост“.

Уште една теорија оди контра на ова - има легенда дека Френч тост е јадење измислено од страна на одреден Џозеф Френч во Албени, Њујорк, во 1724 кој наводно поради непознавање граматика, заборавил да го додаде и она „С“ со апостроф за присвојност.

Најубедливата и најверојатна теорија е дека прженото лепче станува „Француски тост“ затоа што звучи пофенси и овозможува ставање некоја повисока цена во ресторан.

„Традиционално, во Америка се восхитуваме на француската кујна и ја сметаме за елаборативна и гастрономска. И веројатно затоа ова јадење се вика така. Едноставно - маркетинг,“ објаснува Стивен Блок, главен уредник на Кичен Проџект, сајт кој специјализира во истражување на потеклото на секакви рецепти. „Звучи добро и придавката му дава конотација на висок квалитет. Немало шанси да успее со ‘изгубен леб’.“

Инаку, францускиот тост, (или изгубен леб, или пржени лепчиња), има свој меѓународен ден, на 28-ми ноември, што значи уште сега во календар ставете си римајндер и прославете си го. И онака ќе бидеме во карантин.

*Уредникот на овој текст отиде да пржи лепчиња.

4 јуни 2020 - 14:17