Дали би изнајмиле деверуша?

На црева како нас не им недостасуваат луѓе за секоја можна свадбена позиција и обврска, плус тотално е бизарно да помислиш дека треба да изнајмиш човек за на свадба, а тоа да не е за фотографија или музика. Што не значи дека по свет не може да функционира, на пример: рентање на деверуши.

Кога на случајна свадба дури две идни невести ќе ја поканат Џен Гланц да учествува во нивната свадба, па другарка ѝ ќе се пошегува дека е веќе професионална деверуша, нејзе ѝ текнува дека е време за ИзнајмиДеверуша.ком, сервис кој ја нуди, како што вика, „другарката што не ни знаевте дека ви е потребна.”

Бизарниот впечаток се намалува кога ќе се зачиташ таму, затоа што сфаќаш дека во основа се работи за асистент на невестата, и тоа за работи кои не би им ги накалемила на другарките што сака да ги задржи и после свадбата.

„Свадбата не мора да биде бескрајна главоболка што ништо не може да ја излечи. Најмувањето на професионална деверуша значи да имате одговор на секое прашање, личен асистент да помогне со непријатните работи и другарка покрај вас за свадбата да ви биде она што треба - најдобра журка во животот!”

Ако ви е познато, заради филмов е.

Со оглед на тоа колку многу милијарди одат во свадбената индустрија, на запад, во Америка особено, свадбите стануваат таква една гломазна и напорна работа, што Гланц решава да понуди три пакети: за невеста, за старосватица и за фирма. На невестата ѝ нуди помош и совети, на старосватицата ѝ нуди да организира тоа што таа не може да го постигне, а на фирмите им помага со освежување во нивниот пристап, или ако допрва стануваат фирми за планирање венчавки - им дава алатки за подобар почеток.

На крај, излегува дека ова е само уште една сосема очекувана и нормална работа во таа постојано растечка индустрија - само што звучи пофилмски и поромантично, особено поради фактот што Џен Гланц секој фустан го чува затоа што раскажува посебна приказна.

2 април 2018 - 17:10