На свет дојдоа за време на рејв и техно експлозијата во Франкфурт во ’90-ти - во Buffalo Boots, основано во 1979-та на истото место каде што се наоѓа и денес. „Самата култура беше дел од растот на брендот,” објаснува Александра, ПР и маркетинг менаџер на Бафало Лондон. А не очекувале, откако Спајс Грлс ги открија дека ќе имаат толку голема побарувачка, што повремено ќе снемува од патиките. Во Скопје ги открија средношколките со околу 1.60м, на кои совршено им се најдоа тие неколку сантиметри повеќе, во комбинација со фантастично широките и за бришење улици подобни панталони и фармерки. И за тие носталгичните што ќе побарсаа, и на иБеј не можеа да се најдат.
Сега, ако на некој му фалат, ги има во Opening Ceremony или VFILES. Кај нас не знаеме тоа дали стига. Ама ја имате информацијата ако ве носи патот натаму, или некого друг го носи патот, со волја назад да ви врати кондури што истовремено ќе послужат и за ковање шајки.
„Многу беше важно,” продолжува Александра, „да земеме нови фаци за старата енергија.”
Уште една вест за тие што жалите за касни ’90-ти и рани 2000-ти - ќе ги враќаат и Hightower, односно, тие штули што ги носевме и што ги викавме топуци. Ако воопшто обрнеме внимание на тоа што сака да ни го шитне Баленсијага, заклучокот е дека „грдото и грубото е атрактивно”.
Иронијата е во тоа што, ваквата естетика во моментов влече инспирација од Викторија Бекам, единствената од Спајс Грлс што никако не се качуваше на топуци.
Еван Колинс, основач на Institute of Y2K Aesthetics (кои сега ја шират заразата) раскажува дека гледал некој спот на Викторија Бекам во 2014-та. „Решив да направам фотошоп колаж за да добијам чувство за таа „милениумска естетика”.
Само што, дали можеме назад, после 18 години да се вратиме на овој уникатен тренд што немаше врска ни со една од варијантите на кои сме навикнати сега?
Може следно да се врати „металик на све иде”, како што често ни се демонстрираше во спотовите на македонската естрада од прилика тоа време. Ама ај, ќе видиме.