Четири причини да патуваш со мајка ти

Со кого ви е најзабавно да патувате? Со друштво? Со партнер? Може ви се чини дека сте „веќе големи”, ама дозволете да предложиме - патување со мајки.

Може живеете блиску, или се слушате нонстоп, ама мора да признаете дека често знае да биде ви биде тешко да остварите искрени, длабоки и пријателски разговори со #ЕднаЕМајка.

Затоа е паметно да се размисли на темата: на пат со мајка ти.

Причини:

1. Ќе создадете многу нови спомени

Сега сме возрасни, па мајките немаат некоја посебна одговорност - што всушност значи дека се послободни од кога и да е. И кога, вака возрасна, ќе откриеш колку е јако да се оди на одмор со мајка, може и ќе се договорите да го правите тоа на годишно ниво.

2. Вистински почнуваш да цениш сè што направила за тебе и колку е уствари супер

Патување со мајка ти те тера повеќе да ја цениш, како што нејзините квалитети излегуваат на површина и ти стануваат појасни. Слободна е да пие на раат. И двете сте доволно возрасни да се шалите на различни теми. Какви и да ѝ се квалитетите, заедничкото патување ќе ти ги покаже и ќе ти даде нови причини да ја гледаш со восхит.

3. Подобро ќе се запознаете

Повеќето мајки се навикнати да ја играат мајчинската улога толку долго, што понекогаш си ги забораваат другите аспекти од нивниот карактер. Детето најчесто ја гледа само таа, мајчинска страна и како резултат и продолжува да се однесува како дете во нејзино присуство. Патувањето ви овозможува кршење на традиционалните улоги - од мајка и дете, во другарки што прават нешто ново и забавно заедно.

4. Сфаќаш дека нејзината љубов за тебе е уште појака отколку кога си била мала

Мајка ти ќе оди со тебе секаде каде што ти се оди, дури и ако е уморна. Ќе те слика милион пати затоа што ти е битно да имаш совршена фотографија. Ќе се труди да јадеш и да имаш доволно енергија за заедничките шетања.

Затоа што, мајките се такви.

Или… може не се.

Многу е можно,

1.Да нема нови спомени, туку едноставно само уште едни спомени, затоа што мајка ти едноставно никогаш нема да се смени и каква што ја знаеш цел живот, таква е и на патувањето, а ти не знаеш што читаш вакви статии кога пред пет минути пак те има изнервирано.

2. Новите теми, шеги и нејзините квалитети се непостоечки - мајка ти мисли дека е смешно да те заебава што си направил будала од себе претходната вечер, а нови квалитети од што е терсене не покажува.

3. Мајка ти никогаш не ги заборавила другите аспекти од нејзиниот карактер, напротив, нонстоп те потсетува.

4. Сфаќаш дека нејзината љубов за тебе е непроменета (и тоа е добро, затоа што отсекогаш била безрезервна).

Дали алтернативните одговори се аргумент против патување со мајки? Апсолутно не. Само сакаме да бидеме фер и да не го тупиме со романтични текстови каде што мајката е оној италијански ендемски вид што готви, чисти, оди по таткото и децата и е сто посто посветена на семејството, па ти ќе ја частиш. Мајка ти најверојатно е закон, и скоро и да сме сигурни дека патување со нејзе е одлична, одлична идеја.

Ако ништо друго, бар ќе имате за раскажување, „кога бевме во Берлин и ме тераше 17 пати да влеземе во истата продавница за да бира.”

17 јуни 2019 - 02:25