Годинава номинираните Килијан Марфи од „Опенхајмер“ и Бредли Купер од „Маестро“ ги има насекаде, не само поради успешните изведби туку и начинот на кој дошле до нив.
Прво, и онака слабиот Марфи ослабнал уште 10-тина кила и почнал да пуши лажни цигари за да навлезе во навиките на реалниот Опенхајмер. Подготовките за улогата наводно му биле толку интензивни, што се изолирал и од колегите за време на снимањето.
Во меѓувреме, за Купер се вели дека поминал шест години обука за диригирање за да сними една клучна сцена од „Маестро’, а Кери Мулиган еднаш има кажано и дека ѝ се јавувал и ѝ зборувал со гласот на Бернштајн, години пред да почнат да снимаат.
Сепак, дискурсот за метод-глумата со себе влече и митови околу техниката. Понекогаш тешко може да се види дали актерите се спремаат за улога, или „изводат“ спремање пред колегите, медиумите и јавноста.
Метод-глумата, или понекогаш нарекувана и само The Method потекнува од „системот“ - пристап кон глума развиен од рускиот актер и режисер Константин Станиславски. Станиславски бара од актерите да се идентификуваат со силите што ги мотивираат и ги водат нивните ликови и со тоа актерот се труди да влезе во моментот со колегите, реагирајќи само како ликот што би реагирал во замислени услови.
Марлон Брандо ова го има воведено во мејнстримот. За да се спреми за улогата во The Men, каде што игра парализиран воен ветеран, наводно поминал време во болница за ветерани, со количка и не им откривал на другите пациенти дека не е инвалид. Во количка си седел за време на снимање. Оттогаш, методот се поврзува со актери што се губат себеси во ликот, како Даниел Деј-Луис што барал луѓе да го хранат со лажица за да се спреми за улогата на сликар со церебрална парализа во „Моето лево стапало“.
Сите овие приказни добиваат медиумско внимание, но сепак актерите одат до такви екстреми, што Станиславски би се убил од смеење.
Имено, учењето е изградено околу фиктивен час по глума каде што учителот ги прекинува лошите навики на актерите и ги учи на основите на системот. Многу од вежбите се дизајнирани да им помогнат на актерите да замислат што би направиле кога би биле во иста ситуација со ликот - а не да ги креираат тие услови во реалниот живот. Така, учењето на Станиславски полека се губи и се претвора во смешни обиди и лажни екстреми за актерите да постигнат нешто што мислат дека е автентичност.
Патем, учењето нема врска ни со изгледот на актерот, ни со сите тие приказни што ги слушаме за дебелеење и слабеење за улога. Напротив, се укоруваат актерите што вежбаат пред огледало и се фокусираат на физичкиот изглед, а Станиславски особено има против нешто што го нарекува егзибиционистички пристап во кој актерот се обидува и на публиката да ѝ покаже колку напорно работи за својата уметност.
А денешниве до толку претеруваат и си дозволуваат, што се случуваат и инциденти. На снимањето на „Крамер против Крамер“, Мерил Стрип има изедено шамар од „методот“ на Дастин Хофман, а Џаред Лето, наводно на колегите од Suicide Squad им има праќано кондоми и мртви животни, божем практични шеги како Џокер.
Станиславски прави јасна дистинкција меѓу тоа што е реално и верно за актерот, и тоа што е реално и верно за ликот. Со други зборови, не ја поддржува идејата дека актерот смее да се изгуби во улога.
Сепак, медиумите уживаат во вакви приказни и нивото на посветеност кон работата на еден актер. Истовремено знаат и да ги пренесат како претенциозни артисти чиј процес е себичен. Особено кога просечен актер што се мачи да плати сметки не може така лесно да си дозволи да бара од колегите да го викаат со името на ликот што го игра.