Бизарен Тиндер-пазар на суета

Твитер-нишка од дечко што наивно си бркал работа на Тиндер.

Ќе ви раскажам епска приказна за превртливоста на дејтањето во 21 век и падот на човечката цивилизација. Ова ми се случи мене и може да ви се случи и на вас. Земете пуканки.

Пред неколку недели си седев на Тиндер и си ја пазарев душата. Апликацијата ме спои со многу атрактивна млада дама. Без биографија. Не посебно сомнителна. Ѝ пратив порака и разговаравме околу еден час, и таа ми рече еве ти број, прати ми смс. Си викам, океј, секако.

Ѝ пишав и правевме празни муабети за работа, и на крај ми рече „Всушност, имам презентација за на работа, дали ќе се навредиш ако те побарам за околу недела-две кога ќе имам повеќе слободно време? Сладок си и сакам да се најдеме, ама многу сум зафатена.“

Си помислив, ова е баш детален план за откачување. Ѝ реков, „Нема да се навредам, јасно ми е. Барај ме кога ќе бидеш слободна.“ Рече фала, па дека се секирала дека ќе помислам дека ме откачува, ама ќе ме бара за една недела и се радува. Си реков „како да не“, ама и вратив со среќно емоџи.

Поминаа две недели и сосема заборавив, па ми текна и се вратив на Тиндер да го најдам разговорот. Го немаше. Си помислив дека е чудно што го избришала тиндерот, но прифатив дека едноставно е темелен метод за откачување и толку.

И вчера, добивам порака, „ЕЈ КОНЕЧНО СУМ СЛОБОДНА… Еден другар пушта музика на плоштадот Јунион околу 6 утре и сакав да прашам дали ти се оди на пијачка после тоа, па ќе видиме како ќе иде…“

И си викам, бре. Стварно не мислев дека ќе ми пише. Ѝ вратив „да, треба да сум слободен, може.“ Таа пишува, „Супер, ќе бидам наваму-натаму денес и утре, ама ќе дојдам околу шест и ќе се најдеме покрај стејџот, па ќе одиме некаде.“

Реков супер, едвај чекам. Сабајлево ми пишува во 9 и ми вика „ќе врне денес, ама мислам дека ќе се расчисти до нашата средба.“ Јас ѝ враќам, супер, се гледаме.

Играв фудбал со другар и му раскажав за неверојатнава ситуација. Ја најдов на Инстаграм и пишува пејачка, актерка, манекенка, 3000 следачи и си викам, уф, не знам, чудно малку, ама ај.

Стигнав до плоштадот. Јадев хот-дог и здогледав стејџ со диџеј и некои 100-тина души, имаше камери и слично и си реков мора да се ова се некои менхетнски глупости.

Ми праќа порака, „еј, ќе каснам малце, ама ќе се најдеме покрај стејџот и ќе одиме.“ Немав намера да стојам пред глупиот стејџ и стоев малку на страна.

По некое време, гледам девојка како оди кон бина, со двајца огромни телохранители со наочари за сонце и сфаќам дека е таа и си викам КОЈА ПИЧКА МАТЕРИНА Е ОВА.

Стојам по страна и ја проценувам ситуацијата и си викам, заеби, ќе си седам тука и ќе чекам да ми прати порака. Диџејот престана и се качи таа на сцена и јас стојам збунет, но си викам ај добро, инфлуенсерка е. Во истиот момент помислувам дека сум престар за вакви работи.

Во тој момент, таа го грабнува микрофонот и вика, фала што дојдовте, сигурно се прашувате што е работава, и јас си викам да, што е работава, аман.

И тогаш вика, „знам дека сите сте на Тиндер“ и не ми се верува. Таа продолжува со - „Ве поканив сите тука за шанса да одите на состанок со мене“ и продолжува со говор како од „Игри на гладта“ за правилата што треба да се исполнат за да се оди на дејт со неа.

СИТЕ ЛИКОВИ ВО ПУБЛИКА ГИ НАШЛА НА ТИНДЕР И ИМ ГО ПИШАЛА ИСТОТО.

Секој еден лик во гужвата е збунет.

Во тој момент сум запрепастен од слепата јајцеводна храброст на девојкава. Дечките останаа и играа.

Јас си отидов дома.

Не верувам веќе на никого. На ништо. Суетата ќе биде пропаст на човечката цивилизација. Не наседнувајте. Крај.

Сцената:

12 април 2021 - 13:01