Били Ајлиш има „ужасен однос“ со сопственото тело

Ова е изјава од последното интервју за Гардијан - пејачката која го напукна интернетот кога широките дуксери и панталони ги замени со пинап долен веш за мајското издание на Британски Вог, се отвори за „недостижните стандарди“ и напорите да се изземе од чувствата за сопственото тело кога настапува.

„Кога сум на сцена, морам да се оградам од идеите што ги имам за моето тело,“ споделува Ајлиш. „Особено затоа што носам облека што е поголема и полесна за движење без нешто да се покаже - и може навистина лошо да стои. На слики, не ни знам на што личи. Затоа што имам толку ужасен однос со моето тело што нема ни да ви се верува, па морам да не мислам на тоа… И после те сликаат папараци пред врата, кога имаш фрлено нешто на себе, а не знаеш дека те сликаат и сите почнуваат со ‘Дебела!’“

И ја фрустрира сето тоа.

„Тела ни требаат за да јадеме, да шетаме и да какаме,“ вели таа. „Само за да преживееме. Смешно е што некој воопшто им обрнува внимание. Зошто? Зошто ни е толку важно? Сериозно, кога ќе размислиш? Зошто ни е гајле за влакната? Зошто сите мразат влакна толку многу, а сепак имаме еден куп на глава и тоа е фино и убаво. Што е разликата? Мислам, јас обожавам коса и правам луди работи со неа, виновна сум колку и сите. Ама чудно е. Ако подлабоко размислиш на таа тема, полудуваш.“

Нејзиниот нов албум, Happier Than Ever нишани кон сите овие опсесии, со песни како Overheated („Прегреана“), што таргетира недостижни стандарди за тело. За глам-изгледот за Вог вели дека ја нарекле лицемер, и внимателно посочи дека не е против козметички процедури, туку против тајновитоста со која се обвиткани.

„Сосема е во ред да средиш нешто - што и да е, што те прави среќен,“ објаснува таа. „Ама кога одрекуваш и ќе речеш, ова е мое, ако се потрудиш и ти ќе бидеш таков, тоа ме лути. Многу е лошо и за младите жени и за момчињата кога го гледаат тоа.“

Додава и дека гледа луѓе онлајн што изгледаат како што таа никогаш не изгледала, па се фаќа како се прашува дали е можно.

„Знам како функционира индустријата и што користат луѓето за фотографии и знам колку може да биде лажно, а сепак гледам и се онерасположувам. А јас сум многу самоуверена во однос на тоа која сум и многу сум среќна со мојот живот. Очигледно не сум пресреќна за телото, ама кој е?“

На крај, кажува дека повеќе би сакала да ѝ е удобно во сопствената кожа, наместо да се фиксира да изгледа совршено за сликање 24/7.

„Уште кога бев дете, со татко ми сме разговарале за одреден тип на личности што се толку несигурни или хиперсвесни за себе, што не ни мрдаат погрешно, не ни прават чудни фаци затоа што сакаат секогаш да изгледаат добро. Сум го забележала тоа и ме растажува. Ако секогаш стоиш исто, одиш исто, и секогаш ти косата совршена… Колку е тоа губење време, константно да се трудиш да изгледаш добро. Каква загуба е тоа за радоста и слободата на твоето тело.“

3 август 2021 - 13:32