Би пробале да се откажете од сапун?

Ние тука ќе ви пренесеме сведоштво на една што се откажала, ама вие ве молиме немојте - негде ќе ја оплескате работата, сто посто.

Наводно, многу луѓе не користеле сапун. Тејлор Свифт и Елен Деџенерис се само два од многуте гласови во последната Твитер-војна на тема: Дали воопшто треба да ги миеме нозете? И додека на големо се водеше дискусија дали Тејлор Свифт е во право (дали мора сапун за нозе, или се важи крема за бричење), на мала врата се протна уште една: не е ни битно, затоа што на телото секако не му треба сапун.

Наводно, да.

Неверојатно е колку многу луѓе живеат среќно, здраво и несмрдливо без сапун или гел за туширање.

Затоа што, сапунот остава свеж мирис на кратко, но воопшто не помага (напротив) за целта за која е наменет.

Д-р Џејмс Хамблин, доктор и автор на „Да можеа нашите тела да зборуваат” тврди дека престанал да се тушира редовно. Звучи језиво? Човекот сè повеќе и повеќе намалувал со производи, додека на крај не ги извадил сосема од употреба (сосе дезодоранс) и денес повремено се плакне под туш ако „стварно ептен има прљавштина на него”. И наводно, нема непријатна миризба (за да поверуваме, веројатно ќе мораме да го запознаеме, ама некако нејќеме). Вели,

„Нанесувањето на детергенти на кожата и косата го нарушува балансот меѓу природните масла на кожата и бактериите што ни живеат на неа. Уништувањето на тие добри бактерии го тера телото да претерува со производството на масла и бактерии и тоа е тоа што предизвикува непријатен мирис.”

Да му раскинеш на сапунот бара еден непријатен (смрдлив) процес на транзиција и нема ниеден точен метод за тоа: некои луѓе престануваат одеднаш со сите средства, некои престануваат со сапун, но сепак се тушираат, а некои користат некакви палео-алтернативи наместо сапун. Но, сите методи имаат еден заеднички именител - нема сапун-нема мирис.

Ај да видиме како ќе помине една од блогерките на Man Repeller затоа што ние сигурно, ама сигурно нема ова да го пробаме:

Штрајкот со сапун се разбира, го почнав на еден од рекордно-најжешките денови во летото. Но, тоа ми беше единствена недела во која можев да работам од дома во блиска иднина, па се надевав дека периодот на смрдење ќе го поминам на раат. Или тогаш, или никогаш.

Правилата беа следни: Ќе мијам коса и лице како и обично, ќе ставам дезодоранс еднаш наутро и ќе користам крема за бричење без мирис, ама никаков сапун 30 дена. Решив дека ќе користам и сапун за раце. Туширањето ќе биде секој ден, само со вода.

Имав трема, бев возбудена и многу наивна - како учениче. Првите два-три дена не ни забележував разлика. Навистина ли е толку лесно? Зошто повеќе луѓе не го пробале ова? И, само што сакав да им се пофалам на другарките колку сум безмирисна, оптимизмот ми доби клоца во фаца уште третиот ден, кога се фатив како се туширам трет пат во обид да не смрдам на теретана. Во еден момент успеав да си го почувствувам опојниот мирис ДОДЕКА бев под туш.

До шестиот ден, дезодорансот веќе беше бескорисен и се чувствував и мрсно и суво истовремено. Секој атом на волјата ми беше потребен да не се откажам и најверојатно и ќе се откажев да не морав да ја пишувам приказнава. Наместо тоа, се туширав цело време, го игнорирав еколошкото лицемерие и терав. Сите жлезди активно ми работеа, а мене само ми беше мило што можев да избегнувам контакт со луѓе. Додека нели, веќе не можев.

Кога дојде денот кога требаше да се вратам на работа си помислив: „Што ми се чини бре, на мене?” Но, излезе дека втората недела беше пофина. Полека, но сигурно, мојата неподнослива миризба се предаваше и до почетокот на третата недела, се вратив во рамнотежа. Не дека мирисав на лаванда, ама па, кога сум мирисала на лаванда? Стигнав до неутрална средина, односно: на крајот на денот секако мирисав на испотен граѓанин што патува до работа, но после брзинско плакнење, повторно не мирисав на ништо. До истекот на 30-те дена, ни најбрутално искрените пријатели и роднини не можеа да забележат разлика во мојот мирис.

Пресуда:

Тоа што знаев дека можам да не користам сапун беше предвидливо ослободувачко чувство и ми се чинеше преедноставно. Ако мирисам и се чувствувам исто и со и без сапун, ми требал ли воопшто? Тоа што го извадив овој производ од секојдневна употреба не само што ми заштеди пари и време, а на планетата пластика и вода, туку направи појасна граница меѓу мене и потребата за луксуз. Кога сакав да се предадам и да се удавам во шише Дав првата недела, морав да се потсетам дека има и полоши работи што може да ми ги нема: безбедна и чиста вода, на пример.

Нема ништо лошо во користење на сапун за тело или производи за разубавување ако тоа ви е удобно, но понекогаш е еднакво освежувачко да ти текне и дека не значи дека баш од сè имаме потреба како што нè убедиле дека имаме.

17 октомври 2019 - 22:08