Барселона сака туристи, ама нејќе

Забраната за изнајмување соби за краток престој што почна на 6 август ја прави Барселона единствен голем град во Европа по ова прашање, иако дозволува изнајмување на цели станови - сѐ додека сопственикот на имотот ја има потребната дозвола.

Новото правило додава бензин на веќе разгорената локална дебата на тема како да се поддржи локалната економија, а притоа да се одржи квалитетот на животот на локалците, по рапидниот пораст на туризмот во последната деценија. Критичарите инсистираат дека новото правило ги чини многу граѓаните во казни и им го сече изворот на приход на многумина од нив. Но, градските власти тврдат дека рестрикцијата во приватни туристички сместувања е ефикасна алатка за справување со претераниот туризам.

„Многу се радуваме што доаѓаат луѓе и уживаат во Барселона затоа што го сакаме градот и сакаме да го споделиме - но ни требаат правила и ни треба баланс,“ вели Жанет Санз, заменик-градоначалник на Барселона и главната сила зад забраната. „Луѓето во Барселона сè уште можат да изнајмат соба на една година на студент што доаѓа од надвор. Но за помалку од 31 ден, толку е зезнат тој пазар што отсега ќе мораме да спречуваме.“

Од Ербиенби се лутат дека нивното не прави никаква штета на градот и дека половина од домаќините во Барселона се потпираат на овој приход да можат да платат сметки и да останат во нивните домови.

Инаку проблемот почна во 2009 година, кога Барселона немаше некои посебни правила за приватни изнајмувања на туристи, но интересот за Ербиенби беше евидентен: до средината на 2016, веќе имаше околу 20.000 огласи и од приватни соби и од цели станови и домаќините оперираа во сива зона тогаш: не беше експлицитно легално, но не беше ни јасно забрането.

И како што растеа бројките на туристи, растеше и чувството меѓу многумина во Барселона дека градот се ближи до максималниот капацитет за посетители. Летото 2014, имаше и анти-туристички протести во едно соседство, каде што локалците веќе беа исфрустрирани од вревата и неподносливото однесување на посетителите што дошле на журкање. Се појавија анти-туристички графити, понекогаш и на популарни туристички места и многу од граѓаните, а и некои од општината го вперуваа прстот во Ербиенби.

Од Ербиенби тврдат дека изнајмувањето приватни соби има мал до никаков ефект на достапноста на локалното домување затоа што луѓето што изнајмуваат соби живеат во станот или куќата. Но, едно истражување објавено минатата година покажува дека Ербиенби има предизвикано кириите во Барселона да се зголемат за 7%, а цените на домовите за 17% во соседствата што се најбарани на платформата. Во просечно соседство пак, кириите биле зголемени за 1,9%, а цените на домовите 4,6%, за споредба.

28 октомври 2021 - 08:52