Џини Пиларски почина во дом за старци во 1998, на 79-годишна возраст. По ментални институции ја влечкале цели 50 години.
Можеби ве интересира зошто.
Затоа што се поткарала со нејзините.
Затоа.
Значи, вака: Животот на Џини пред да дојде до кобната расправија со нејзините родители не е баш документиран, но била надарена и повремено страдала од депресија. Се запишала на факултет во 1941 да студира хемија и таму била три години додека не се закачила со нејзините родители за тоа кај треба да живее.
Како и сите фини и разумни родители, нејзините веднаш ја испратиле во ментална болница. Таму накратко и докторите ќе се чудат - Џини била мирна, средена и пристојна. Во картонот напишале „нема знаци на активна патологија“.
Некој терапевт ја прашал и дали животот вреди да се живее. Одговорила со „Она што го имам, вреди“. Но, не се потрудила да сокрие дека ја лутат околностите. Постојано повторувала дека „Личност што има 25 години треба да биде одвоена од семејни плеткања.“
Поточно, сакала да живее раат, сама. Кога ја прашале што ќе прави ако ја пуштат, Џини рекла дека сака да се вработи, да си купи нова облека и нови книги. Рекла и дека ќе си купи пудра, кармин и други шминка - како и секоја 25-годишна девојка во тоа време.
Ја пуштиле ли?
Не.
Ја ставиле на експериментална хидротерапија - држење на пациенти во кади со екстремно жешка и екстремно ладна вода наизменично, на подолги периоди.
Не разбирајќи што лошо има направено, Џини само прашала „Дали е животот фарса“?
Маката не завршува тука - добива и 40 инсулински кома-третмани и 15 терапии со електричен шок.
И овој пат (замислете!), докторите имале што да напишат во картонот:
„Не се движи. Непријателски настроена, не се дружи. Повремено се расправа со другите пациенти.“
Па ќе додаде:
„И не е нешто посебно средена и чиста.“
До 1953, овие богови на медицината ја подложиле Џини на 187 терапии со електричен шок. Ја префрлиле на истражувачки оддел каде што се правеле експерименти на пациенти што не можеле да се бунат.
На крај, бидејќи богови на медицината, стигнале и до решението наречено лоботомија.
Сега во картонот пишува:
„Нема е, комплетно зависна од команди за функционирање, за сè, од тоалет, па нагоре. Да се даде терапија со електричен шок да се види дали ќе има промена.“
И станувало сè полошо. Џини се претвора во некохерентна, празна школка и така живее сè до ‘98.
Во тоа време, овие третмани не се ни сметале за нешто посебно невообичаени или сурови.
И сè ова, само затоа што на 25 години, сакала да живее сама.